Мислевме дека ја спасивме, а тој извади пиштол и започна хорор: Искуство на жена која спасувајќи девојка ќе го изгубела сопругот

„На 26 декември, во 9 и 30 часот наутро, целиот наш свет се потресе. Никогаш не помислувате дека некои работи може да ви се случат, додека реално не ги почувствувате на своја кожа. Во овој момент е тешко да се разберат емоциите - бес, тага, збунетост, олеснување, благодарност...“, вака ја започнува својата шокантна исповед Лорен Девенпорт, која неодамна за малку ќе го загубеше сопругот.

Додека парот од Њујорк се враќал дома во Северна Каролина, застанале на половина пат до Винчестер за да ги испружат нозете и да се одморат, но таму забележале сцена која за неколку моменти се претворила во хорор.

„Паркингот беше полн со семејства кои патуваа на југ. Оддалеку забележавме кавга меѓу маж и жена. Јас и Вејд стоевме во тревата со Мајзел обидувајќи се да ги испружиме нозете, и ја следевме ситуацијата. Следно што се сеќавам, ние и неколку други парови тргнавме да ѝ помогнеме на вознемирената жена која беше соборена на земја од лут маж, кој почна да ја тепа. Вејд и уште еден маж се обидуваа да го смират човекот и она што изгледаше како смирена ситуација, дека се‘ е под контрола се претвори во чист ужас“, пишува Лорен.

Следното нешто што го видела е нејзиниот сопруг како бега, спасувајќи жива глава, кога насилникот се свртел и почнал да пука од пиштол.

„Хаосот и борбата да го пронајдам и да го видам Вејд ќе останат засекогаш во моето сеќавање. Вејд доби фрактура во пределот на десниот образ и синусите и парализа на фацијалниот нерв поради прострелна рана. Куршумот отиде зад неговото уво и преку неговиот образ“, додаде Девенпорт.

Напаѓачот пукал во уште двајца мажи и една жена, но сите се добро. Откако го бркале насилникот, кога бил фатен во неговиот автомобил, тој и самиот се застрелал.


„Гушнете ги вашите најблиски малку посилно и верувајте повеќе во добрината на другите луѓе. “Те сакам“ никогаш не значеше повеќе и толку сме среќни што сепак ќе можеме да си го кажеме и да си го докажуваме“, напишува Лорен во нејзината потресна исповед.

Веднаш пристигнаа голем број коментари и зборови на поддршка упатени до парот, а набрзо се разговараше како да се помогне на жртвата во оваа ситуација и да се избегнат можните фатални последици.

„Ви благодариме што не ја свртивте главата и го ризикувате животот за да помогнете на друга личност. Потребна е многу храброст. Вие сте вистински херои", заклучи еден од коментарите.


Фото: Фејсбук - Youtube/screenshoot/Aline Pottier Gama Duarte