МНТ ја подготвува претставата „Без галама“

Добивај вести на Viber

Во МНТ интезивно течат подготовките за претставата „Без галама“ според текстот на Мајкл Фрејн, во колективна адаптација, а во режија на Тони Михајловски. По големите успеси на претставата „Брачна игра“, за Михајловски ова е второ режисерско остварување во матичната куќа. Овојпат го одбира комичниот текст на Фрејн кој е еден од најдобрите и најиграните текстови во светската драматургија, а кој за првпат се поставува во МНТ.

„Без галама“ е претстава во претстава, и зборува за тоа што се случува на сцената- она што публиката може да го види, но благодарејќи на ротирачката сценографија, дејствието на претставата се случува и зад сцената. Публиката ќе има прилика да учествува во секој сегмент во создавањето на претставата, ќе ги види задкулисните пикантерии и „хаосот“ кој се случува зад сцената, што прават актерите кога не ги играат своите улоги, и секако ќе ги открие сите тајни на една театарска магија.

Генералната проба е предвидена за 30 март, а премиерната изведба за 31 март во 20 часот на големата сцена на МНТ. Во претставата играат: Игор Џамбазов, Весна Петрушевска, Јасмина Поповска, Камка Тоциновски, Нино Леви, Александар Михајловски, Александар Ѓорѓиески, Емилија Мицевска и Стефан Спасов.

Сценограф е Татјана Христоска, костимографијата е на Ивана Кнез и Сињори, изборот на музиката е на Тони Михајловски, инспициент е Александар Рајковски и суфлер Зорица Благоевска.