Најмалите конечно во градинка: Да се пријавуваат и најмалку сомнителните симптоми, апелира министерката Шахпаска

Денес, после цели шест месеци почнаа со работа градинките и установите за згрижување деца. 

На денот на започнувањето со работа, министерката за труд и социјална работа, Јагода Шахпаска беше во посета на градинката „Буба Мара“ во населбата Аеродром, од каде имаше обраќање и повика сите чинители вклучени во синџирот за безбедно сместување на децата во градинкитe, да покажат максимална одговорност, за да се овозможи што побезбеден простор за децата. 

Шахпаска изјави и дека утрово приемот на дечиња се одвивал добро.

Министерката додаде дека со почитување на Протоколот кој беше донесен на 29-ти мај, ризиците за инфицирање на дечињата се сведуваат на минимум, апелирајќи да се пријавуваат и најмалку сомнителните симптоми.

И уште еднаш потенцираше дека протоколите предвидуваат во групите до 2-годишна возраст треба да бидат згрижени најмногу 6 деца, а од 2 до 6 години групите смеат да згрижат најмногу до 15 деца. Мора да се избегнува контакт меѓу децата од различни групи. Да се врши дезинфекција на просторот на секои два часа. На вработените и на децата задолжително ќе им се мери температура при влез во греадинката. Установите се должни да обезбедат заштитна опрема, и сите вработени задолжително мора да носат маски. Не се дозволува собирање и меѓусебни контакти на вработените во посебни простории. Децата ќе спијат на растојание од еден и пол или два метри на принципот „нозе-глава“. Ќе има постелнина за секое дете обележана со името на детето. Ќе биде забрането користење на играчки кои не се перат и не се дезинфицираат.

Инаку според последните податоци од Министерството за труд и социјална политика, од денеска ќе бидат згрижени 14.555 дечиња под посебни протоколи кои ќе важат и за најмалите, но и за вработените.

Огромен проблем во мометов со кои се соочуваат градинките е недостигот на соодветен кадар, бидејќи повеќе од 260 вработени досега беа ослободени од работа по разни основи, хронични болни, трудници, породилни отсуства, како и деца до 10 години.