„Насон прочитана книга“ од Соња Манџук – добитник на наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман на годината

Добивај вести на Viber

Ракописот со наслов „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук е победник на првото издание на книжевната награда „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман на годината – беше соопштено денеска (27.09.2019) на прес-конференција, што се одржа во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.

Наградата ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, со поддршка на Министерството за култура. Конкурсот предизвика голем интерес кај домашните автори, за што зборува и податокот дека до крајниот рок во мај оваа година, на официјалната е-адреса на „ПЕГАЗ“ пристигнаа 77 ракописи.


За победникот одлучи тричлената стручна жири-комисија, во состав: Димитар Башевски (писател, издавач), Иван Шопов (писател) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“).
Иван Шопов, од име на жири-комисијата, го претстави образложението – зошто беше одлучено наградата да ја добие ракописот „Насон прочитана книга“:
– Напишан во манирот на постмодернистичките книжевни практики, „Насон прочитана книга“ претставува онирична авантура чиешто поаѓалиште е една библиотека, како онаа добропознатата на Борхес, инаку во неговиот „поимник“ дефинирана како вселена. Структурно, романот е конципиран како книга во книга. Нараторот, инаку љубопитен за тајната на сонот како феномен, сонува дека се наоѓа во некоја библиотека и дека посегнува по книга со наслов „Деца на Луната“, од некој анонимен адепт од 19 век. Она што го насетуваме како смисла во приказната на анонимниот автор е дека човековиот дух има способности времето и просторот да ги збере во една точка, да прими информации од кои било време и простор, да доживее севременост, да искуси безвременост. Авторката Соња Манџук во овој роман, преку заокружена приказна, внимателно осмислена структура и со раскошен стил, го поттикнува интересот за овие прашања на суптилен начин. Важна е и етичката димензија на романот, која сепак не преминува во некаква груба дидактика или морализирање. Манџук умешно го користи капацитетот на романот како жанр во себе да инкорпорира различни дискурси, збогатувајќи го со форми што не се секогаш книжевни, но притоа не се нарушува романескната структура, ниту се доведува во прашање жанровскиот идентитет на ракописот – се вели во образложението.


Соња Манџук (родена 1966 година во Скопје) дебитираше со поетската книга „Воопшто без“, во издание на КММ, во 1989 година. Во 1991 година ја објави збирката поезија на српско-хрватски јазик „Земјовање“, како награда на југословенскиот фестивал „Млади Мај“, Заечар. Следува новелата „Деан Кингер: сместен во смешна куќа“, кој е прогласен за најдобра новела на анонимен конкурс, распишан од издавачката куќа „Феникс“ во 1993 година, а објавен во „Македонска книга“ следната година. Добитничка е на првата награда за расказот „Затвори го добро фрижидерот“, на конкурсот на „Студентски збор“, во 1992 година. Во 2013 година ја објави збирката раскази „Стилски вежби“ (Издавачки центар „ТРИ“), која влезе во најтесен избор за наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело. Манџук е колумнист во интернет-порталот „Слободен свет“.

Наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Имајќи го предвид влијанието што оваа награда го изврши врз квалитативниот скок на македонската романсиерскa продукција, Фондацијата „Славко Јаневски“ и „Арс Ламина“ го организираат изборот за необјавен роман за деца или возрасни, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи уште поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр.
– Дводецениското искуство со организирање и доделување на наградата „Роман на годината“ (првин во рамките на „Утрински весник“, а потоа како активност на Фондацијата „Славко Јаневски“) покажа дека овој вид манифестирање поддршка на романсиерското и воопшто литературното творештво е особено благопријатен за целата македонска култура. Низ и преку Фондацијата „Славко Јаневски“ циркулираат безброј идеи за она што ние го нарекуваме „промоција и унапредување на културните вредности“. За жал, Фондацијата не е економски моќна да ги реализира сите идеи што ги наумила, па затоа сфативме дека остварувањето барем на дел од нив е единствено можно во соработка со други субјекти што дејствуваат на ова поле. Една од првите соработки во оваа насока беше со „Арс Ламина“. Со нивното несебично залагање, меѓу другото, ја реализиравме и идејата за наградување роман во ракопис, односно наградата „ПЕГАЗ“. Велам, од искуство знам дека голем број веќе напишани романи не добиваат поддршка од Министерството за култура, па постои сериозна опасност некој квалитет да биде превиден и никогаш да не ја види светлоста на книжарскиот излог. Затоа мислам дека оваа награда е важна, не само како потврда на нечија литературна вредност туку и како стимул за збогатување на нашата литературна ризница. Следната, 2020 година, се навршуваат сто години од раѓањето на Славко Јаневски и во рамките на овој голем јубилеј се надеваме дека нашата соработка со „Арс Ламина“, но и со сите други заинтересирани субјекти уште повеќе ќе се продлабочи – изјави новинарот и автор Ѕвездан Георгиевски, кој e дел од фондацијата „Славко Јаневски“.

Наградата „ПЕГАЗ“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Ракописите што беа оценети позитивно исто така ќе добијат можност да бидат објавени од издавачот „Арс Ламина“. Имено, во најтесниот избор на конкурсот влегоа и романите: „Курвински хроники“ од Александар Русјаков, „Скриени желби, немирни животи“ од Владимир Јанковски, „Денот кога не се разбудив“ од Моџо Килингтон, „Бричење петли“ од Владо Димовски и „Егеец“ од Владимир Плавевски“, кои ќе имаат можност да бидат објавени од издавачот „Арс Ламина“.
– Одѕивот на првиот конкурс за наградата „Пегаз“ ги надмина нашите очекувања. Седумдесет и седум ракописи, колку што пристигнаа до крајниот рок во мај, е факт што не смее да се занемари и што ни влева надеж дека македонската книжевност сè повеќе ќе се наметнува во регионалните, па и во светските книжевни рамки. Исто така, тоа имплицира дека во нашата земја сè повеќе се чита, зашто едното со другото одат рака под рака. Како што беше наведено и во објавата за конкурсот, издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе им понуди објавување на ракописите и на авторите кои влегоа во потесниот круг при жирирањето или кои беа издвоени како солидни книжевни остварувања. Доколку авторите се согласат, нивните дела ќе бидат вклучени во посебната едиција „ПЕГАЗ“ – изјави Бисера Бендевска од „Арс Ламина“.
Победничкиот роман „Насон прочитана книга“ ќе биде промовиран на посебна свеченост до крајот на годината.