Нема да спијам од радост- Каролина заблеска на својот најдобар концерт досега

Каролина Гочева рече дека нема да спие цела ноќ од радост, затоа што сношти на стадионот на АРМ, го имаше својот најубав концерт досега. 

-Ова ми беше најубавиот концерт. Сигурно дека вечерва нема да можам да спијам“, рече поп-ѕвездата откако публиката ја врати на бис и сите во еден глас извикуваа „Хипокрит“.


Некои стари песни кои будат радост и возубуда и денес како кога за првпат ги слушнавме, ја направија оваа ноќ магична. А, Каролина е во право. Концерот беше најубав, и за неа и бендот, и за нас. Интересно е што публиката беше генерациски шарена, па така „Без оглед на сè “, „Знаеш колку вредам“, „Милениум со тебе“, „Ајде да летаме“, „За нас“, во глас ги пееја и оние кои тогаш биле мали деца, некои тинејџери и средношколци, некои студенти. Пред почетокот на концетот, Каролина на Инстаграм ги праша фановите и пријателите: Која песна би сакале да ви ја испеам?

Потоа ги објави одговорите, а имаше разни. Но, прекрасно е што многумина ги паметат нејзините најпрви фестивалски песни, кога Каролина беше тинејџерка со боб фризура, и со голем оркестар пееше песни направени за силни гласови како нејзиниот. Една од нив е „Кој да ти каже“, од маестро Кире Костов. Многумина ја побараа, а Каролина по долги години ја отпеа сношти, во нов аранжман.


-Ја пеев кога имав 14 години, и изненадена сум што ја паметите и ми ја побаравте. Оваа песна не сум ја изведувала од 1994 година. Сум имала прилика во животот да соработувам со големи легенди, како чичко Кире Костов, кој не е тука, но тука е неговата ќерка Ана“, рече Каролина пред да го испее овој евергрин, поздравувајќи ги придружните вокали, познатиот тим и обележје на многу концерти, Ана и Сара.

Токму старите поп-хитови му дадоа весела нота на овој концерт, а среќата на лицето на Каролина и на целиот бенд беше очигледна. Баладите jа разнежија атмосферата, а она по што овој концерт беше различен е што изостанаа хитовите како „Две лири“ и „Чалгиска“-  нив Каролина мора да ги чува за новите есенски и зимски концерти во сала.


Најемотивен дел од концертот беше сеќaвањето на Тоше Проески, кога прво ја испеа неговата „Твојте бакнежи на мојте бели кошули“, а потоа и дуетот „Немир“. Стариот спот од Тоше и од Каролина одеше на бим. Убави времиња на кои Каролина со достоинство и без лажна патетика се присети. 


-Сите работи, битни и небитни, исчезнуваат кога ќе ве видам“, рече Каролина на почетокот од концертот и беше во право. Кога таа пее, радоста, убавината и љубовта се на прво место. Секоја чест и за „Бебо“, Диџеј Зоки Бејбе, кој со микс од најголемите светски хитови ја разигра атмосферата пред да дојде Каролина на сцената. Вистински избор за отварање на еден ваков прекрасен настан.


 За изборот на облека на Каролина нема што да се коментира. Полн погодок, а за тоа повеќе зборува нашата галерија, како сеќавање на концертот што треба да стане традиција. 


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски