Нема криза за крофните од Хром: Се учиме дење да работиме, а ноќе да спиеме

По 17 години успешен бизнис за кој како што велат сопствениците, се дознавало од уста на уста, фурната „Крофните од Хром“ од пред повеќе од еден месец работи на нова локација. Крофните од Хром станаа крофните од Влае, но го задржаа името по кое станаа  познати кај скопјани.

Место во сутеренот на една зграда во до градинката во Хром, сега работат во Влае, во близина на игралиштето на кејот на Вардар, кај мостот Обединети нации. Сопствениците, Александар и Виолета Меновиќ и нивните деца Билјана и Лазар велат дека не се плашеле оти ќе ги загубат муштериите на новата локација.

„Старите муштерии од Хром и од цело Скопје дознаа за новиот дуќан. Истите луѓе, до пред кризата со коронавирусот доаѓаа секоја вечер. Убаво е да се видат комшиите од Хром пак секоја вечер, сега сме им малку подалеку, но велат дека им годи прошетката до Влае. А убаво е и што сега добивме и нови купувачи, од Влае и од Карпош 4“, ни раскажа Александар Меновиќ. Единствено нешто на што познатите фурнаџии им е тешко да се навикнат етоа што со новото работно време, треба да работат дење, а да спијат навечер. 

„Тешко е да им ја смениш навиката на луѓето. До пред да започне полицискиот час до 16 часот, работевме до 8 навечер. И секогаш луѓе се собираа по 17 часот, исто како во времето кога отваравме попладне и работевме до рано наутро. Тешко ни е и на нас да ги смениме старите навики. Повеќе од 17 години, спиевме преку ден колку што може човек дење да спие, а навечер работевме“, додава Меновиќ. Неговата сопруга и децата не беа на работа за време на нашата посета.

Пекарката Ружа која долги години е дел од тимот вели: „Убаво си почнавме. На 4 март. Имавме отварање, објавивме на Фејсбук дека сменивме локација, поделивме флаери. Се расчу од уста на уста дека сме тука. Но, сепак ,здравјето е најважно и ќе мораме да се приджуваме кон мерките“, вели пекарката.

Крофните од Хром сега работат од 8 до 15 часот од понеделник до петок, шалтерски како и многу фурни и угостителски објекти, но и со нарачки.

„Не знам, кризата некако не ја почувствувавме додека работевме до 8 навечер. Сега е рано да се каже, ќе видиме како ќе биде. И ова ќе помине“, додава сопственикот. Сабота вечер и порано беше неработен ден за фурната, а сега нема да работи во текот на целиот викенд.

Во претходно интервју за Женски магазин, Виолета и Александар Меновиќ раскажаа дека почнале буквално од кило брашно.

„Почнавме со едно кило брашно. Да ,баш така. Тогаш работев во една продавница како дистрибутер. Знаев дека таа работа нема да ми трае долго. Паметам многу добро, беше осми март, а мојата сопруга од секогаш ја биваше за месење. Стасав дома од работа, и ѝ донесов кило брашно. Ја замолив да направи кифлички. Утредента, ги однесов во продавницата каде што работев и веднаш се продадоа. Потоа муштериите почнаа да нарачуваат уште, па бизнисот го проширив и на други маркети. Од кило брашно, стасавме до вреќа брашно, Виолета имаше полни раце работа. Тоа не охрабри во 2002 година да ја отвориме оваа фурна“, ни раскажа Александар.

Крофните со крем, со мармалад и со шеќер, пиците, кифлите, но переците и гевреците кои први се печат и нивниот мирис ги мами соседите на фурната, станаа познати од 2008 година. Од тогаш до сега, „крофните“ се изградија како маалски, но и како градски бренд.

Една изјава останува сосема иста од нашето претходно интервју со крофнаџиите. „Рецептот нема да го кажеме, а и да се одлучиме да го кажеме, не сме сигурни дека на луѓето ќе им успее да направат крофни со ист ваков вкус“. 

Милица Џаровска