„Немој да пишуваш дека погинав во собраќајна несреќа, дека повеќе ме нема“: Како ги пишував последните страници од „Ова не е крај“, книга за животот и кариерата на Тоше Проески

Додека вртењето на стрелките на часовникот ја распаруваа спокојната тишина во мојата соба, размислувам како да успеам да ја натерам солзата да не тргне повторно од моето око. Ги пишувам последните страници од книгата „Ова не е крај“. Се обидувам да удирам на тастатурата во ист ритам со часовникот. После неколку испишани редови, погледот ми се замагли. Солзите повторно ја добија битката. Како ранет војник, осамен, безнадежен, ги затворив очите и во мислите ти се обратив: „Ех, Тоше, кога би можел сега да ми пратиш некој знак, да ми кажеш каков да биде крајот... Потонав во сон. А, во него ти.

„Како се вика книгата?“, ме прашуваш.

„Ова не е крај“.

„Не ми се допаѓа насловот“. Твојата гласна насмевка го прекинува молкот. Се шегувам, ми велиш и почнуваш да ги собираш испишаните листови бела хартија, расфрлани околу нас.

„Што бараш?“ - те прашувам.

„Ги барам листовите во кои ти ме опишуваш мене. Тоа ми е многу битно“.

Еве ги. Му подадов еден од нив на кој го имав напишано следново:

„Ќе му го дофатев погледот што луташе во сликата на телевизорот или во аглите на белите ѕидови. Погледот му беше наивен, но никогаш безначаен Неговиот ум имаше моќ да ги забележува и најситните детали, да ги складира сите зборови, да ги запишува настаните што вртоглаво се менуваа во неговиот животот. Набљудуваше со голема остроумност, ги сфаќаше темелно нештата, ја откриваше и внатрешноста на луѓето покрај себе. Но, ретко ги откриваше своите забелешки, само пред одбраните, на кои најмногу им веруваше. Личноста му беше опкружена со таинственост. Интровертноста како црта од неговиот цврст карактер, ненаметливо будеше кај луѓето стравопочит. Очите му беа огледало на душата. Но, ретко кој можеше да ја прочита пораката што ја испраќаа“.

„Ова, го напиша за мене? Ми се допаѓа и тоа многу.“

Пред да си замине ме погледна, значајно. „Немој да пишуваш дека погинав во собраќајна несреќа, дека повеќе ме нема.“

Се разбудив со големо олеснување. Веќе беше 4 часот наутро. Почнав побрзо да чукам на тастатурата и од движењето на стрелките од часовникот.

15 октомври. Рано изутрина. Мајка му тивко се искраде низ скалите и влезе во неговата соба.

„Сине, време е да станеш, те чека пат.“ - тивко го помилува со својот глас.

Не сакаше да се разбуди. По кратко време, повторно се појави мајка му. Полека ги отвораше очите. „Ајде сине, ти подготвив појадок. Касни да имаш сила да го издржиш долгиот пат.“ 

Полека ги отвораше очите. Беше блед, како без крв.

„Мајко, не ми се станува, остави ме уште малку да поспијам. Мене никаде не ми се оди денес.“

Едвај стана од креветот. Слезе во дневниот престој каде што беа неговите најсакани. Имаа обичај секогаш кога ќе тргне на пат, тие сите до еден да го испраќаат со бакнување и прегрнување.

„Вас некаде ви се оди? - ги праша. Мене не, ама морам да одам...“

Мораше да стигне во Скопје, на закажаната телевизиска средба. Весна Бејби Петрушевска ја очекуваше својата ‘бајадера’ во „Вртелешка“.

Заврши снимањето. Се упати кон домот во скопската населба Злокуќани, да ја подготви торбата за уште едно долго патување. Стрелките на часовникот се поклопија. Почнаа да се одбројуваат првите минути на тој нов ден, 16 Октомври. Тргна за Загреб. Да, на уште едно закажаното интервју во телевизиско шоу. После полноќ. доби повик од своите другари од крушевските сокаци.

„Како си, каде одиш?“ – го прашаа

„Многу сум уморен и ноќва одам нагоре...“ - им одговори.

СОЊА АЛЕКСОСКА – НЕДЕЛКОВСКА