Онлајн промоција на прва книга за современа македонска музика на англиски јазик „Press & Play“ на Ненад Георгиевски

Добивај вести на Viber

Првата книга со рецензии на англиски јазик за современа македонска музика кои воедно се објавени во реномираниот светски медиум „Ол абаут џез“ (All About Jazz) на авторот Ненад Георгиевски е насловена Press & Play и на 20 јули (понеделник) во 19 часот ќе има и своја онлајн промоција која ќе може да се проследи преку фејсбук-страницата „Литература.мк“. Делото е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и од утре (18 јули) ќе може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се купи онлајн на www.literatura.mk

Модератор на онлајн промоцијата ќе биде музичката новинарка Бранка Костиќ-Марковиќ, а покрај авторот Георгиевски, свој осврт на делото ќе дадат и уредникот Милан Дамјаноски и Оливер Јосифовски од групата „Љубојна“.

Прес енд плеј (Press & Play) е составена од рецензии на албуми, на концерти и фестивалски настапи на изведувачи меѓу кои: Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Ади Имери, Гоце Стефковски, Џон Аплелгрин, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија Саунд Систем“, „Проект Жлуст“, „Скопскиот џез фестивал“, „Офф-фест“ итн.

– Книгата претставува збир од мои текстови за македонската музичка култура кои ги имам пишувано 15 години за „Ол абаут џез“ (All About Jazz). Се работи за рецензии на изданија и концерти на различни генерации македонски музичари. Со години, тие текстови претставуваа единствен увид за тоа што се случувало креативно на музички план во Македонија, но напишано на јазик и платформа каде милиони читатели имале пристап. На неа гледам како на важен документ за современата македонска музичка култура – вели Георгиевски.

Уредникот Дамјаноски во својот предговор посочува дека кај авторот во изминатите 25 години, откако го познава, нема минато ниту еден ден кој не бил поврзан или погоден од музика.

– Тој има широко и длабоко познавање на историјата на музиката од 20 век, преку неговата страствена колекција на албуми како и преку различни формати кои индустријата ги произведува во текот на изминатите 40 години. Понатаму, тој бил сведок на развојот на современата македонска музичка сцена и активен учесник во културниот живот на Скопје и Македонија. Сето ова го подготви за задачата што ја презеде станувајќи автор, работејќи за бројни списанија, весници во Македонија и на Балканот. Сепак, најзначајниот дел од неговото резиме е како новинар и неговата соработка со „Ол абаут џез“ (All About Jazz), која почна во почетокот на 20 век – објаснува уредникот на Press & Play, Дамјаноски.

Оливер Јосифовски од групата „Љубојна“, пак, во својот предговор му се заблагодарува на Ненад за неуморното бележење на музичките случувања во земјава.

– Откако го запознав Ненад во 2005 година можам да потврдам дека во секој сегмент од неговата кариера и како музички новинар и како критичар, тој трпеливо ја црта, ја гради и ја полира сликата за оваа музичка ера. Не знам дали ова ќе биде најдобрата ера во текот на нашиот животи, но додека патуваме во оваа временска машина, овие хроники и текстовите дефинитивно ќе му служат најдобро на ова наше време. Без неговите дела, би било тешко на музичката сцена во Македонија од 2004 година до денес – завршува Јосифовски.

Прес енд плеј (Press & Play) е дело распослано на 200 страници во кои секој вљубеник во музиката може да ужива.