Плачев на скалите од старата куќа во Бекирлија: Атиџе се пресели во нов дом, и има нов албум со Сузана Турунџиева

Сузана Турунџиева и Атиџе Муратова избрале одличен симболичен наслов за својот прв албум „Пола мене-пола тебе“, како мотото на Атиџе,  пчеларката од селото Бекрилија, за чија приказна преку документарецот „Медена земја“ дозна целиот свет.

Албумот со осум песни, на македонски и на турски јазик се промовираше вчера во Скопје, а самите Атиџе и Сузана се и автори на дел од песните. Песните се снимани во студиото на Роберто Поп- Димитров „Кентаур“, кој е исто така дел од авторите. 

Со многу емоции, тие ја испејаа својата прва песна „Иста судбина“, во придружба на „Ми каса бенд“. Судбината, како што претодно раскажаа ги спои овие две жени, а и во песните, познатата пејачка, водителка, писателка и наставник по музико образование, Сузана Турунџиева вели дека чувствува како цел живот да ја познава Атиџе.

Благодарение на хуманоста на многу пријатели на Турунџиева, Атиџе и нејзиниот брат Феим сега се преселени во новата куќа во селото Дорфулија. 

-Малку поплакав кога се селев од Бекрирлија, седев на скалите на старата куќа и плачев. Ми падна жал за моето село, таму сум го поминала целиот живот. Од петокот сум преселена во новата куќа. Многу ни е убава куќата“, ни изјави Атиџе по промоцијата.

-Се надевам дека веќе нема да се селам. Нема никогаш да се преселам од Македонија“, раскажа Атиџе пред гостите. 

Се промовираа и два нови спота, за една турска народна песна и за песната која Турунџиева ја напиша, а се вика едноставно, „За Атиџе“. И двата спота се снимани во Истанбул, од каде што  неодамна се вратија двете дами.  

-Оваа песна е моја ода на благодарност кон Атиџе. Таа ме научи да го сакам живитот и кога е суров. И кога  врне дожд, таа се радува и вели- бериќет. Пандемијата не’ потсети дека овој живот е краток и треба да си помагаме едни со други. Атиџе не е единствената која државата ја заборавила. Со женските здруженија со кои бевме во Турција се трудиме да ѝ обезбедиме примања  за пристоен живот. Годинава има слабо мед, едвај 50 тегли се извадија. Затоа, сите оние кои сакаат да ѝ помогнат на Атиџе, и ќе го купат албумот по цена од 500 денари, парите одат за неа“, рече Сузана. Таа објасни дека „Сенатор мјузик“ ќе го дистрибуира цедето на повеќе продажни места, а сите оние кои сакаат да го имаат, можат да ѝ се обратат на Сузана Турунџиева на социјалните мрежи.

Како дел од гостите на промоцијата беа и пејачката Ребека Јанковска- Ристески и комичарот Војче Китановски.

За промената на изгледот на Атиџе, Турунџиева раскажа дека таа посетила стоматолог и сега има прекрасна насмевка, а таа ужива да ја шминка и да ја прави уште поубава, иако Атиџе и без шминка е убава.


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски

ГАЛЕРИЈА: