Поради Тоше научив македонски, се крштевав во Скопје и станав православна христијанка: Хрватката Ива Радељевиќ искрено за љубовта кон нашата земја и за животот со церебрална парализа
Ива Радељевиќ е родена во Загреб и има 35 години. Себеси се опишува како една обична, истовремено и необична девојка, која низ ова патување наречено живот турка во количка. Среќна ја прават многу нешта - семејството, пријателите, нејзините кучиња и чинчилата, книгите, особено блогот што го пишува посветен на книгите. Редовен посетител е во театар. Тој свет ја фасцинира. Наскоро ќе дипломира на факултетот за менаџмент - односи со јавност. Голем фан е на музиката, а концертите се дел од неа. Среќна е кога го усовршува македонскиот јазик и кога ќе се сети на спомените кои ја врзуваат за Македонија. Сонува повторно да ја посети нашата земја.
*Совршено го зборувате и пишувате македонскиот јазик. Беше ли тешко да се совлада и кој ви помогна?
-Благодарам на комплиментите, ама мислам дека има уште многу работа на мојот македонски јазик. Колку повеќе учам толку повеќе сфаќам дека нема крај. Ми велат дека имам дарба за јазици, бидејќи освен мајчин хрватски и македонски, знам англиски, шпански и италијански јазик. Почнав да учам македонски од љубов кон Тоше Проески и од желба да разберам за што пее и зборува во своите интервјуа. Преку интернет се запознав со мили луѓе од Македонија. Кога дојде време да одам на концертот на Тоше, еден мил другар ми помогна да го научам основното,бидејќи сакав кога ќе се запознаеме да зборувам на македонски. На Тоше му беше многу мило и ми рече "Многу убаво ти прилега, вети ми дека ќе го научиш убаво". Му ветив и ме гушна. Тоа е еден од најубавите моменти во мојот живот . Ветеното треба да се стори. Тргнав да учам сама слушајќи радио, гледајќи телевизија и читајќи на интернет. Потоа дознав дека во Загреб постои Заедница на Македонците во Република Хрватска и Македонско културно друштво „Охридски бисер Загреб“.Таму станав дел од работилницата по македонски јазик за возрасни и драмската секција и стекнав пријатели за цел живот. Со години зад мене се многу часови по македонски, настапи и прекрасни моменти. Многу сум им благодарна на луѓето од друштвото што ме прифатија како дел од себе. Не ми е тешко да учам македонски јазик. Предизвик ми е особено пишувањето на кирилица. Тешко ми е поради мојата попреченост, ама и тоа го правам со многу посветеност и љубов.
Моите врски со Македонија се цврсти и за целиот живот
* Кога македонската ракометна репрезентација игра во Загреб, вие сте редовна на трибините и навивате за неа. Имате голем број пријатели од овде. Што друго ве врзува за нашата земја?
-Секако дека навивам за Македонија. Од своето учење и истражување се вљубив во земјата, културата, литературата, музиката ,кујната и најмногу во луѓето. Стекнав пријатели кои ме збогатија како личност. Особено сум горда на пријателството со Игор Џамбазов, бидејќи со помош на неговата книга научив да читам кирилица, а тој е прво јазичен, а потоа и животен идол. Некои луѓе од идоли ми станаа другари, а потоа и семејство. Бидејќи немам македонско потекло, имав желба духовно да станам дел од македонскиот народ, да се крстам во македонска православна црква. Многу сум му благодарна на моето семејство, особено на моите родители кои имаа разбирање за мојата желба и ме поддржуваат во се што е поврзано со Македонија. Многу сум им благодарна и на моите кумови Петар Младеновски и Ели Клинчаревска Младеновска кои се кумови од соништата и секојдневно се трудат да расте мојата љубов кон Македонија, но и јас како личност. Тие се вистински идоли и синоним за љубов во полна смисла на зборот. Голема благодарност до отец Оливер Петровски кој има многу разбирање за мене. Можам да кажам дека моите врски со Македонија се цврсти со многу љубов и за целиот живот.
* Боледувате од целебрална парализа, а вашите статуси се полни со оптимизам и се пример за храброст, духовна издигнатост. Кога ви ја дијагностицираа болеста?
-Една мала исправка. Церебрална парализа не е болест, туку е состојба која во мојот случај настанува како последица на предвременото раѓање. Родена сум со двајца браќа, на шест и пол месеци и со 820 грама. Само јас преживеав. Како последица имам 100% попреченост, зависам од помош на друго лице во секојдневниот живот и низ животот туркам во количка.
* Пишувате и статуси поврзани со проблемите со кои се соочуваат пациентите со оваа болест. Дали периодот на корона ја отежна ситуацијата во лекувањето во Хрватска?
-Сметам дека секој еден од нас е вреден, а сите благодарение на социјалните мрежи имаме можност да се изразиме. Се моите статуси се трудам да го кренам нивото на свеста на мојата околина и да ги рушам предрасудите за тоа како е да се биде лице со попреченост, ама и да пишувам за работи кои ме радуваат и ми се важни, бидејќи сум многу повеќе од мојата попреченост. Проблемот со короната е што зависам од помош на друго лице за обичните работи како што се хигиена, облекување, местење во количка. Што значи дека држење дистанца е невозможно. Целото семејство е под притисок и многу внимава, зошто доколку би се заразиле, никој не знае што би било со мене со оглед на мојата дијагноза.
Сонувам за општеството во кое прифаќањето на различностите ќе биде движечка сила
* Ја посетивте Македонија, поточно Скопје, пред две години. Кои беа ваши домаќини, каде ве прошетаа и што најмногу ве одушеви?
- Бев дел од семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Татко ми ме придружуваше. Го завршив семинарот на напреднато рамниште. Тоа беа прекрасни три недели, бидејќи стекнав пријатели од целиот свет кои го сакаат македонскиот јазик како и јас. Потоа продолживме уште една недела на одмор низ Македонија со моите родители и една пријателка. Бевме сместени во Скопје, а ги посетивме Крушево, Прилеп, Битола. Многу шетавме низ Скопје со пријателите и бевме на многу концерти и свирки што се случуваа во тие денови . Посебна беше посетата на Крушево, Спомен куќата и вечното почивалиште на Тоше. Имав чест да го посетам Институтот за македонскиот јазик и многу сум среќна и благодарна за таа шанса. Во текот на таа недела се случи и мојата крштевка, еден од најубавите настани во мојот живот. Тој месец во Македонија беше исполнување на соништата.
* Планирате ли нова посета?
-Мојот сон е да се вратам во Македонија и во прегратките на моите кумови и пријатели. Да уживам на уште многу театарски претстави и концерти, да ги прошетам сите сакани места и да откријам некои нови глетки и места што ќе ми го исполнат срцето. Исто така би сакала да го полагам испитот на македонски како втор јазик на напреднато рамниште и би сакала да учествувам пак на семинарот за македонски јазик, литература и култура бидејќи тоа е едно волшебно искуство.
* Како ви изгледа секојдневието?
-Секој ден ми е различен. Водам борба сите работи кои што ме радуваат и уште други нешта, да ги сместам во денот, бидејќи се многу. Дури и сега во време на корона кризата кога седиме дома, денот ми е прекраток да постигнам се што би сакала.
*За што сонува Ива?
-Сонувам за многу нешта. Сонувам да се санираат последиците од земјотресот што ги погоди градовите Сисак и Петриња во декември. Во тој земјотрес сериозно се оштети и домот на моето семејство, кој што се наоѓа во селото Лекеник. Исто така сонувам да запре пандемијата и да се вратиме на старото, нормалното. Да им се вратиме на настаните, часовите по македонски јазик, пробите, настапите, дружењата, театарските претстави, концертите, патувањата, гушкањата и сето она што не радува. Сонувам за општеството во кое што разбирањето, прифаќањето на различностите и љубовта ќе бидат главни движечки сили. Се надевам дека некогаш ќе ми се оствари сонот.
Соња Алексоска Неделковска