Предизвик, но и голема одговорност е да се настапува под името на татковината: Марија Пеликон за атлетската приказна и љубов кон трчањето

Трчањето е она кое ми ја дава слободата на духот, ме храни и навистина сум среќна што таа љубов трае. 

Само додека трчам знам да сонувам, тогаш планирам, мислам и ми се раѓаат идеи. Тие моменти ми се драгоцени.Тогаш сум сама со себе. Своја. Слободна - вели Марија Пеликон од Скопје. 

Таа е посветена сопруга и мајка на две деца, ќерка и син. Вработена во Генералштабот на Армијата и стравствена спортистика. Длабоко во себе крие голема спортска љубов.

Како тинејџер морала да му каже збогум на уметничкото пливање од здравствени причини, но затоа атлетиката била таа која ја пополнила празнината силно гушкајќи ја и отворајќи ѝ ги вратите кон разно разни натпревари, од кои позначајно е учеството на воената Олимпијада во Вухан во октомври 2019.

Во следните неколку редови ја читаме атлетската приказна на Марија.


Како почна приказната 

Со атлетиката почнав доста спонтано, прва љубов ми беше уметничкото пливање, една тогаш тазе, би рекла неекспонирана дисциплина кај нас, и навистина се посветив одејќи на базенот тогаш Младост, денешен СЦ „Борис Трајковски“. Но по 8 години интензивни тренинзи, а од здравственни причини морав да му кажам збогум на пливањето. Еден исклучително тежок период на транзиција, лична кога како млад тинејџер посакуваш да се пронајдеш и со огромна амбиција за успех, навистина тешко ми падна сето тоа.

Така трагајќи по спорт кој ќе ми ја надомести празнината, а ќе биде сличен на мојот нескротлив дух, ја одбрав атлетиката, зашто во училишните денови многу често се натпреварував на училишните кросови и освојував награди.Тоа беше моментот кога ми кликна дека трчањето за мене е можеби полн погодок.

Пристапив сосема аматерски, би рекла само со волја и желба за трчање.

Од денешна перспектива кога ќе се навратам на тие мигови, само би заклучила дека трчањето си има стил, техника, и многу матетематика. Не бара екстремно вложување како можеби некои други спортови, но соодветни и добар пар патики се Must. Сега кога и развојот на технологијата е на наша страна сѐ е полесно. Смарт часовниците знаат се. Посебно новите гаџети кои трчањето го прават песна. Запишуваат км,темпо,време,а притоа ги мемориираат нашите телесни параметри,пулс притисок, изгубени калории и што ли уште не.

Би рекла дека трчањето како и секој спорт бара вложување во опрема, (специјални патики за сала/надвор, асфалт/или планински терен), облека и суплементација. Од оваа дистанца би рекла дека има уште многу што да се каже и постојано да се учи.

Зашто секоја трка е приказна за себе. А мојата со трчањето почна мошне доцна во моите доцни 30 години. Оттогаш велам дека трчањето е она кое ми ја дава слободата на духот, ме храни и навистина сум среќна што таа љубов трае.


Разни натпревари, дома , во странство...

Досега би рекла дека имам настапувано на сите домашни трки, но и планински трчанки.

Така на Скопскиот маратон, Авицена Женската Трка, Skopje Run,Трчај бе-Битола, Охрид Трчат- Охрид, Атлетски Митинг 11 октомври –Куманово, сега за прв пат ‘-7-Ми Ноември-Гевгелија, значи секаде каде што има домашни трки настапувам, без исклучок.

Она што последните години ми е голема љубов би рекла се планинските трки. Скај ранингот како една нова екстремна дисциплина. Исклучително тешко и напорно но убавината кога ќе стасаш на финиш линијата по 21 км на планина е неверојатно.

Ти дава самодоверба, те јакне ментално, а за физичкото и да не говора.  Исцрпен, но полн со себе и желба за нови и нови адреналински трчанки.


Во овој контекст би ги спомнала Водно-Матка треил, Охрид ултра, Пелистер Ултра, Титов Врв Скај ранинг, Козјак Вертикал, Струмина Треил, Чупино Вертикал.

Успеси, награди и признанија...бројни се...

На сите имам учествувано и освојувано награди. Не би можела да издвојам најдрага зашто секоја една ми е драга и посебна, а ги има доста. Од трки што се случиле надвор од нашата граница би рекла дека имам доста настапувано во Србија, Белградки маратон, Врањски маратон, потоа Копаоник првенство во крос–кантри, во Р.Бугарија, Швајцарија, Италија, Р.Германија. Р Грција. Дел од овие трки биле на ниво на Армија-Армиски првенства така што навистина е предизвик, но и голема одговорност да се настапува под името на Татковината.


МАРИЈА дел од Воената Олимпијада во Вухан

Тоа беше случај и со последната Олимпијада во Вухан- НР.Кина во 2019 година Октомври. Бевме учесници на воената олимпијада, од каде носам прекрасни спомени.

Не можам да се пофалам со некој подобар пласман, но желбата за успех и да дадам максимум од себе е секогаш присутна.

Она што го научив низ годините во врска со атлетиката е тоа дека секоја трка е приказна за себе, зависи од моменталната лична подготвеност, психо-физичка се разбира, но и од временските услови по некој пат, кој влијаат на квалитетот, а со тоа и на постигнатиот временски резултат.

Атлетиката не сака флерт, мора да си вљубен во нејзе. Прележан ковид и последици

Годиниве на светската здравствена криза, со Ковид -19, морам  да споменам дека влијаше на глобално ниво. Трките се откажуваа, а тие што беа планирани се изведуваа под строги протоколи, и сето тоа влијаеше.

Знаете за тркачот се важни трките,тука се гледа колку и како си работел на себе. Каде си во моментот во одност на другите и дали и колку треба да се работи на себе.Тие се несомнено најдобар показател.Тука нема лаги и глума. Атлетиката бара континуитет и посветеност. Постојана работа на себе и истрајност. Не може да флертуваш со атлетиката, мора да си вљубен во нејзе. Инаку резултати нема да има, искрена е Марија.


За неа 2020 била тешка и мачна година...

„Мене 2020 би рекла лично ми беше исклучително тешка година,н а приватен и професионален план. Пандемијата остава последици, јас лично би рекла по прележаниот Ковид - 19, со соочив со многу мака, пред повторно да бидам подготвена за трки.

Долго после тоа се опоравував од пост ковид сиптоми, како недостиг на здив, умор, и ужасно потење дури и при мал напор. Навистина период кој беше посебен предизвик, за повторно да ја повратам кондицијата која ја имав.

Сега откако полека стивнува календарот на трки, повторно малку ќе мирувам по препорака на стручни лица, а по вакцинацијата, за по некој месец повторно да се вратам на тренинзите со полна пареа.

Она што ми паѓа тешко би рекла е токму периодот кога треба да мируваш, а духот ми е немирен природно. Се разбира дека периодот на рехабилитација е потребен и значаен,и сѐ е трпение.


Рецепт за успех, мотив за напред...

Рецепт за успех, или некоја посебна формула нема.Не е клише ако речам дека само посветеност и континуитет е пресуден.Нема друго. Дисциплината е  клучот за резултат, впрочем не само за трчањето туку и за многу други нешта во животот,кој не се во корелација со спортот.

Се е работа на себе.Јас честопати и дома на своите деца им велам дека талентот  е 1 % останатите 99% се макотрпна работа на себе.

Драго ми е што и двете мои деца го сакаат спортот и се физички доста активни.

Спортот ги учи на многу нешта, да се изградат како личности пред се со цврст карактер и силна волја, а за психо-физичкиот бенефит мислам дека и самите се свесни.

Порака посебно до младите кои сакаат да се занимаваат со спорт 

Она што би го дала како совет е да трагаат по она хоби кое најмногу ќе им „легне“ и тука да се насочат, но и никој пат да не се плашат да експериментираат. На крајот на краиштата нека се бават со она што им носи лично задоволство и исполнение.

Колку е лесно да се усогласат толку секојдневни обврски на сопруга, професија, мајка и пријател со натпреварувачки спорт

Од аспект на тоа да се биде со полно работно време, но и родител, а згора и да се бави човек со спорт, би рекла треба да си магионичар.

Јас навистина има денови кога чувствувам бескрајна и константна исцрпеност од секојдневните обврски, а тоа е навистина заканувачко. Пред се по здравјето.Човек мора да пронајде баланс и да постави приоритети.Но секоја чест на оние кои успешно балансираат. Мора да се има поддршка и back up.

Со оглед на тоа што ја ситнам петата деценија желба ми е да ме служи здравјето да трчам онолку колку што ми дозволува телото и пред се здравјето. Но никако тоа не значи дека ќе се откажам. Едноставно засега би сакала да бидам конкурентна и да настапувам, останатото е божја волја.


Цели за оваа сезона, но и на долгорочен план

Сега во овој период интензивно планинарам и се подготвувам да полагам за планински водич, но затоа потоа. Навистина имам доста планови, но што од тоа ќе реализирам не би можела да бидам конкретна. Знам само дека она што зависи од мене ќе го сторам несомнено.

Слободното време засега за мене е мисловна именка од причина што секој миг го посветувам на децата зашто се во возраст кога најмногу имаат потреба од некој кој ќе ги „слуша“ и ќе биде покрај нив. Така што моментите да се осамам се ретки. Само додека трчам знам да сонувам, тогаш планирам, мислам и ми се раѓаат идеи.

Тие моменти ми се драгоцени.Тогаш сум сама со себе.Своја.Слободна. За следната година посакувам да ми е поуспешна од претходната. Со нови победи и предизвици, вели за крај Марија.


Ирена Ставрова