ПРЕГРЕВАЊЕ НА КАБЕЛОТ НА ДЕФИБРИЛАТОР Е ПРИЧИНА ЗА СТРАОТНИОТ ПОЖАР ВО ТЕТОВО - ОЈО го доби форензичкиот извештај

Во Основното јавно обвинителство Тетово доставен е Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи. 

Согласно издадената Наредба од Основното јавно обвинителство Тетово, вештачењето утврдува постоење траги од електрична куса врска на доставениот материјал подигнат при вршење на увидот на самото место на пожарот, како и траги што се значајни за утврдување на причината поради која настанал пожарот во Модуларната болница, во кој животот го загубија 14 лица.

Од извршената анализа на трагите од пожарните оштетувања, динамиката на ширење на пожарот и врз основа на оштетувањата на инвентарот и просторот, земајќи ги предвид и добиените сознанија за дејствијата пред и во текот на настанувањето на пожарот, вештите лица ја утврдија локацијата, како и можната причина за настанување на пожарот.