Родителите кои пишуваат домашни и врзуваат врвки – грешат

Добивај вести на Viber

Пораката која родителите ја испраќаат е страшна: „не се секирај мама и тато, ќе средат се`“, со што се одржува пасивната и зависна позиција на детето. Приказната завршува со 35-годишници кои се уште живеат под покривот на своите родители - вели Ана Попризова, училишен психолог и Гешталт терапевт.

Колкумина од вас  кои имате дете во училиште, сте по малку изненадени од групите  родители на интернет (вибер или месинџер), кои постојано во паника прашуваат: Научивте ли за утре? Што имаме домашна математика? Како поминавте на тестот по географија?

Колкупати сте виделе татко во парк кој на шестгодишно момче му довикува- „пази татино да не паднеш“, или мајка што му ги врзува врвките на 10-годишно девојче? За тоа како дојдовме до вака ниски стандарди и очекувања од нашите деца и како презаштитничкиот однос се одразува врз детскиот развој, разговараме со Ана Попризова, училишен психолог

*Повеќето деца кај нас се целосно ослободени од малите секојдневни обврски  што можат и сами да ги извршуваат. Зошто нашите родители мислат дека  на 10-годишно дете се` уште треба да им ги врзуваат врвките на патиките?

-Во дел од нашата култура, презаштитничкиот однос кон детето, кој се огледува токму низ ставањето на детето во пасивна улога, се смета за израз на грижа за детето. Многу родители сметаат дека грижата ја покажуваат доколку го „ослободат“ детето од обврски, за да не се мачи, па наместо нив тие ги извршуваат обврските, пишуваат домашни, врзуваат врвки...

Родителите кои и самите немаат искуство со носење одлуки и преземање одговорност за обврските, немаат капацитет тоа да го развијат ниту кај своите деца.

Носењето одлука е преземање одговорност и ризик за одлуката, и со себе може да носи страв дали успешно ќе ја донесам одлуката, или дали ќе донесам исправна или погрешна одлука. Затоа, може да се случи да одберам да не ја ни донесам одлуката, односно да не преземам одговорност, а истовремно тоа ќе го очекувам од другите, од околината.


*Со што резултира ваквиот став?

Родителите не му даваат можност на детето да ги развива своите потенцијали и самодоверба. Како детето ќе знае колку може да биде успешно, ако не искуси и не се обиде самото да направи нешто?

Овој пристап развива несигурни деца и млади, кои кога ќе излезат во реалниот свет постојано се во страв и неизвесност кога ќе се најдат во ситуација да преземат одговорност и донесат одлука. Постојано им е потребна поддршка и потврда за одлуката од околината, но таа истовремено не е никогаш доволна.

*Како ова влијае врз она што се нарекува- локален менталитет?

-Ова се пренесува од генерација на генерација. Не може родителот да ја развива одговорноста кај своето дете, кога и самиот тој ја нема развиено.

Ваквото воспитување ја држи единката во постојана пасивна и зависна позиција.

Доколку ова го поврземе и со општествен контекст, јасно е зошто тешко ни одат промените и прогесот, прифаќањето на одговорност и остварувањето на обврските. Ние не можеме да преземеме одговорност за средување на проблемот со ѓубрето, а камо ли за други посериозни проблеми. Истовремено, очекуваме некој однадвор да ни ги решава проблемите, односно да е виновен доколку не се решени.

*Оваа приказна се пресликува и во училиштето- родителите преземаат одговорност за домашните, за оценките, влагааат во конфликт со професорите. Каква порака им испраќаме на нашите деца со ваквото однесување?

-Бидејќи родителите ја преземаат одговорноста за учењето на детето, тие имаат доживување дека тоа е нивен успех и истовремено мерило за нивниот успех и како родители.  Токму затоа тие се често агресивни кон наставниците, бидејќи проблемите со учењето кои ги има детето ги доживуваат како свои, како тие да не се доволно добри родители.

Пораката која ја испраќаме е страшна: „не се секирај мама и тато, ќе средат се`“, со што се одржува пасивната и зависната позиција на детето.

Приказната завршува со 35-годишници кои се` уште живеат под покривот на своите родители.

Станува зборза двојна спрега: и родителите ги врзуваат економски децата за себе но и на децата тоа им одговара, бидејќи им е конфорна зона.


*Како школски психолог, имате ли некој интересен  позитивен или негативенпример по ова прашање од вашата пракса?

- Бидејќи работам со млади, често  имам прилика да ги поддржам и следам во процесот на учење на преземање на одговорност за себе и за своите избори. За мене тоа се бесценети моменти и искуства.

Има и други примери кога гледам колку младите страдаат во својата несигурност да направат избор и донесат сопствена одлука. Многупати тие се немоќни да се спротивстават на притисокот од возрасните, родителите, околината. Ова потекнува токму од пасивната позиција во која биле ставени од родителите, кои „грижејќи“ се за нив, им ја ускратиле можноста да развијат одговорност а со тоа и свесност за тоа колку можат и што сакаат. Од тука произлегува и самодовербата и задоволството од реализирањето на своите потенцијали.

 Исто така и образовниот систем е многу крут и не ги поттикнува,  ниту ги поддржува потребите на учениците на ваков начин да учат и да се развиваат.

*Која е оптималната возраст  на детето да почне  да  му се дадат да извршува некои домашни обврски? За наши поимања се дури шокантни  примерите од  Монтесори  системот: дете од две години само да си ја реди облеката или да брише прашина или десетгодишник да си зашие копче и да ја искоси тревата...

- Марија Монтесори, познат педагог и психолог, дефинирала стандарди пред околу 100 г.  кои  дефинитивно соодветствуваат на реалните потенцијали на децата на одредени возрасти, бидејќи таа само му дала форма на она што е очигледно, од пракса. Нејзините проценки се  реални.

Таа развила посебен образовен систем „Монтесори“, кој можеме да го сведеме на тоа дека околината и возрасните треба да го следат детето во процесот на задоволување на потребите на неговата возраст.

На децата им се нуди слобода а истовремено и одговорност да одберат активност што ги интересира и која без прекинување, концентрирано ќе ја извршуваат. Тие истовремено имаат слобода да истражуваат и  учат да преземаат одговорност за својот избор на активност. Одговорноста за учењето е нивна. На овој начин тие истовремено ја развиваат својата самодоверба и одговорност.

Возрасниот: родителот, воспитувачот, наставникот, е повеќе набљудувач и водач низ овој процес кој помага и стимулира.

Во поново време се очекува децата  уште повеќе да се унапредуваат во развојот и да развиваат нови вештини поврзани со компјутерските технологии. Ни треба нова Марија Монтесори на 21-ви век.

Мимоза Петревска Георгиева