Сашко Коцев: Ова е последната „Златна Бубамара на популарноста“ што ја водам (ГАЛЕРИЈА)

„Златна Бубамара на популарноста“ го прослави својот 25 роденден сношти, со маратонско издание на популарното шоу. Траеше четири ипол часа, и без оглед што дел од публиката не остана до крајот во А1 арената, „Бубамара“ повторно собра голем дел од нашите најважни  утетници, спортисти, ТВ лица на едно место.

-Ова е последна „Златна Бубамара“ што ја водам. Затоа, нема да пазам, можам да зборувам што сакам“, рече Сашко Коцев, а потоа објасни дека се шегува. „Нит ми е последен пат, нит сум пазел, нит ќе пазам што зборувам“, објасни Коцев, маестрален како и во изминативе години, а ова е негова 17.„Бубамара“ како водител.

Коцев раскажа дека во денешно време е модерно да имаш бричена глава, особено меѓу политичарите, а објасни и од каде доаѓа Корона вирусот. „На столче, на ниско не фаќа, само ако сте на високо или ако се движите“, рече Сашко објаснувајќи ги мерките во време на пандемијата.

-Седам јас на кафе со другари, во хотелско лоби, без маска. Тргнувам во тоалет, обезбедување ми бара да ставам маска. Значи, на ниско не фаќа корона, на столче не, само на високо“.Она што сите не’ насмеа, беше појавувањето на Тино и Атанас, и нивната приказна за потенцијалните шамарите кои би ги добиле на „Бубамара“.

По долго време на „Бубамара“, се појави Ристо Самарџиев, кој доби награда за трајни музички вредности, а симпатично беше појавувањето и на малиот Петар- грашок, кој на сите ни порача да носиме резерва бурек на планина. За Трајни музички вредности, награда доби Васка Јанковска која со орекстарот на Горан Бреговиќ го има поминато цел свет и ја испеа култната „Едерлези“ со оркестарот Агушеви. Спортски херои се Фудбалската репрезентација на Македонија, како и олимпиецот Дејан Георгиевски кој се појави при крајот со звуците на преработката на „Некст тајм“ за „Кога падна Пирина“. „Некст тајм“ добија награда за најдобар спот, а авторот кој соработува со нив, и со уште многу наши пејачи, Николче Мицевски, за композитор на годината. За група на годината се проглаени „Фолтин“, за џез соработка наградени браќата Тавитјан, за дует на годината Дац и Александа Митевски, за детска емисијат „Дајте музика“, најпопуларно еколошко ТВ шоу е „Агенда 21“, а награда за ТВ серија земаа „Преспав“.

Многу легендарни музичари беа на сцената на Бубамара со богати и емотивни музички точки, и беа наградени. Влатко Стефановски за албум на годината. Симон Трпчески за трајни музички вредности, како и Ферус Мустафов, Благица Павловска изненади сосема на крај, а авторот Љупчо Трајковски- Фис за животно дело. Гостин од Загреб беше Жељко Бебек, кој доби награда за трајни музички вредности, како и Наум Петрески кој испеа три песни, во чест на авторот и музичар Љупчо Трајковски- Фис, добитник на наградата за животно дело.

Првиот човек на „Златна Бубамара“, Ранко Петровиќ повторно го избра Игор Џамбазов да не’ потсети на оние кои веќе не се меѓу нас, а дел од нив е таткото на Игор, маестро Александар Џамбазов. На добриот маестро Џамбаз, Игор емотивно му ја посвети неговата песна „Само ти“. Гледавме и снимка од легендата Аки Рахимовски, кој со цело срце во студиото на Хравстака радио телевизија испеал сплет од најубаите македонски народни песни. Во чест на покојниот автор Тоде Новачевски, неговата песна која некогаш ја пееше Росана. „Свири ми врате цигане“, ја испеа Сузана Гавазова, со Ферус Мустафов.

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски

ГАЛЕРИЈА: