Се ближи Денот на жената: Каде може да се патува за 8-ми март?

Посета на места во земјава и во соседството се нуди за осмомартовските патувања преку туристичките агенции.

Поради пандемијата на коронавирусот, оваа година припадничките на понежниот пол ќе можат да патуваат претежно во земји каде за македонските граѓани не се бараа ПЦР тест. Агенциите имаат понуди за Охрид, Струга, но и за посета на познати места во Србија, Албанија, Косово.

„Во овој период, граѓаните на РСМ без обврска за валиден ПЦР тест за коронавирус  можат да патуваат само во Србија, Албанија и Косово. Во врска со туристичките патувања, пакет аранжмани и организиран превоз има посебни барања  веќе објавени во нивните агенции и на порталите.  Се ближат пролетните и 8-мо Мартовски аранжмани кои туристичките агенции ги организираат и оваа година, но со посебни услови за патување. Во моментов сѐ уште е на сила мерката за возење со 50 отсто патници во автобус. Но, се надеваме дека ќе се смени одлуката за да можат туристичките агенции да користат 100 отсто капацитет. Поради глобалниот проблем со пандемијата поради кој трпи туристичката индустрија - немаме доволно можности за опстанок во овие услови“, вели Ивона Јакимовска, раководител на Сектор туристички агенции при СКТМ.

Таа вели дека желба на граѓаните е што поскоро без тест да можат да патуваат во Бугарија, Грција и други држави и туризмот да се врати во нормала, односно да си работи со полна пареа како пред пандемијата.

„Интересот е различен кај одредена возраст. Имено, во овој период е актуелен белиот спорт и сега туристичките агенции ја нудат Шапка, Маврово, Пелистер, Крушево. Бисерот на Балканот, Охрид  и Струга како и Србија, зимската кралица, Копаоник и Златибор, бањи во Србија, Косово, Албанија се нудат за 8-ми Март“, додава таа.

Објаснува  дека населението почнува да размислува за патување, но не можеме да направиме никаква споредба со истиот период во 2019 година, затоа што сега сме во еден тежок период каков претходно немало.

„Се сочуваме со многу проблеми во полето на туризмот, така што преку СКТМ се изнаоѓаат решенија и ние како комора даваме предлози, мислења до Министерство на економија и Владата. СКТМ поднесе дополна за петиот пакет до Министерство за економија, се изнаоѓаат решенија и веруваме дека туристичката индустрија ќе започне да работи во следниот период. Доколку стоиме во место и се бориме за нови предлози, за помош и дополнувања на веке споменатите предлози од страна на Владата, верувајте туристичката индустија односно агенциите ке бидат уште во поголеми загуби, доколку не се најде модус за олеснување и преживување на овој сектор. Тврдам дека туристичките агенции имаат најголем пад, односно 90 отсто во изминатиот период“, рече Јакимовска.

Дека туризмот е во криза покажаа и најновите податоци на Државниот завод за статистика. Бројот на туристите во декември 2020 година, во однос на декември 2019 година, е намален за 49.3 отсто, а бројот на ноќевањата паднал за 49.5 отсто.

Сања Атанасовска