Се омажив за Ромео за да можам да одам во диско- Калиопи одржа концерт за паметење во Велес
Без оглед што се долги години поминати откако одржала концерт во Македонија, Калиопи како вчера да пеела пред својот народ. Концертот кој сношти го одржа во Велешкиот театар, од една страна покажа колку домашната публика ја зажелела, а од друга, колку е цврста таа нејзина врска со верните фанови кои со години стојат пред неа.
Магичен, емотивен, моќен и весел беше овој концерт, каква што е и самата Калиопи- мајстор во она што го прави, неприкосновен уметник. Со годините, гласот како да ѝ станува уште подобар, почист и посилен. А, во старите хитови инвестира, правејќи од нив малку поинакви верзии, следејќи го чекорот на времето, а сепак оставјќи го главното да ги води- убавото време во кое се создадени.
Секој кој израснал или созревал со Калиопи си има своја песна од неа, небитно дали е тоа „Најмила“ или „Не плачи“, „Ако денот ми е ноќ“, „Бато“ или „Не ми го земај времето“. На Калиопи времето никој не може да ѝ го земе. Со години е посветена на настапи низ регионот, се враќа дома и триумфира повторно уште на првата песна. На втората, веќе сите беа на нозе, и не се вратија на столчињата, речиси цел концерт.
„Колку е убаво да си дома“, рече Калиопи пред велешани и луѓето од сите краеви на поранешна Југославија, од повеќето наши градови, и Балканци од дијаспората кои беа дојдени да ја слушаат неа, фантастичните придужни вокали Маја и Јулија и бендот. Таа низ насмевка се шегуваше на своја сметка.
„Колку е убаво да си во добри односи со поранешниот маж. Ромео пишува песни, јас пеам. Убаво е и да си во добри осноси со другиот поранешен маж. Сè останува во фамилијата. Многу те сакам Васил“, му се обрати Калиопи на актерот Зафирчев, кој ја следеше од главната ложа. Васил е актер во театарот Јордан Хаџи Константинов – Џинот, а на покана на оваа институција случи концертот. Калиопи раскажа и лична приказна од нејзините тинејџерски денови.
-Кога бев тинејџерка, татко ми не ме пушташе да излегувам ви диско. Ми велеше, во 10.30 да си дома. Како во 10.30, кога диското почнува во 10? Сега не е меѓу нас, но верувам дека ни ја испраќа неговата енергија од горе. Затоа, за да можам да одам во диско, јас си се омажив за Ромео. Потоа веќе не можеше да ми брани. Но, не одев ни потоа. Дојода концерти, турнеи“, кажа низ насмевка Калиопи.
Дел од нејзиниот репертоар, сега се и „Македонско девојче“ во џез верзија, но и „Македонија“ од Дадо Топиќ и „Тајм“. „Црно и бело“ и „Бато“ ги слушнавме на двата биса. Својата публика, Калиопи ја нарече темпирана бомба и рече дека очекувала убав прием, но не се надевала на таков концерт. На крајот, изјави дека во Велес доаѓа на покана на Тетарот, и засега не знае дали наскоро ќе одржи концерт и во Скопје. -Сигурно долго нема да заспијам вечерва, затоа што уште сум под импресии, впечатоците се многу длабоки, затоа што навистина беше доживување, не само за публиката, туку и за нас на сцената“,рече Калиопи за Женски магазин.
Една од нејзините повпечатливи изведби беше песната „Вучица“, која рече дека најдобро ја опиува. На нашето прашање, кои жени се волчици, таа рече:
- Веројатно тие кои му пркосат на времето со мисла која едноставно простуваш, не се плашиш, силна си и им пркосиш на невистините кога ќе се изговорат зад тебе, едноставно си над сето тоа и продолжуваш понатаму да го одиш својот пат. Веројатно најдобро е кога е кога длабоко ќе се исчитаат стиховите на Ромео кои ги напиша за оваа песна. Навистина на прекрасен начин е претставена жената со целата нејзина сила и женственост“, ни кажа Калиопи по концертот.
Сите градови во Македонија заслужиле да видат ваков настан. Ги заслужила и Калиопи, овие аплаузи, овации и љубов. И многу повеќе од тоа.
Милица Џаровска