Се сомневам дека инфлуенсерките ќе ве држат за рака додека во болница бдеете над здравјето на вашите деца: Д-р Елена револтирано на Фејсбук

„Пред неколку дена ја гледам оваа Ртг слика на бели дробови од дете. Масивна пневмонија со масивен плеврален излив.

Не, не, не се секирајте… нема да ве гњавам за Ковид. Се работи за потврдена туберкулоза, кај поголемо дете со позитивна анамнеза за туберкулоза во семејството, невакцинирано со БСГ.

Вчера ми доаѓа мајка со 18 месечно дете, гордо ми кажува дека детето сеуште не е вакцинирано ништо од родилиште па навака вклучувајќи и БСГ која се прима во родилиште. За ДТП, Полио не правиме муабет нели!?

За МРП… Ма како, па тоа предизвикува аутизам. Што ви е на Вас… лудаци доктори.

Нејсе… Ова дете ќе преживее, ќе се лечи 6-12 месеци и ќе се излечи. Но… фиброзата (лузната) на белите дробови ќе ја носи цел живот и кога тогаш ќе направи проблеми во дишење, белодробен капацитет итн. ( да не гњавиме ние докторите нели со нашата наука).

Си седам и си мислам: имам уште најмалку 20 години работен век пред себе како педијатар. Се прашувам за колку време од сега ќе почнам да гледам дифтерија, пертузис, полиомиелитис и смрт и осакатеност од овие болести кај децата и општата популација. Највероватно брзо, како тргнало за 5-10 години од сега.

Како и да е … главните инфлуенсерки на фб со медицинска диплома стекната на Гугл рекоа дека не е безбедно да се вакцинираме.

Ние неможеме да реализираме и да постигнеме успешна и комплетна вакцинација на основните смртоносни и животно загрозувачки болести кај децата, па правиме муабет за Ковид и вакцинација од Ковид кога родителите на овие деца се потенцијалните примачи на вакцини.

А сега може да се вратите на вашите инфлуенсерки. Чисто се сомневам дека тие ќе ве држат за рака додека во болница бдеете над здравјето и животот на вашите деца.

Бидејќи во отсуство на добро организиран здравствен и правен систем само тоа и ви останува“, напиша на Фејсбук доктор Елена Манолева Николовска.


ФБ Статус: Д-р Елена Манолева Николовска