Снежана Н. Христова: По разводот, запознав човек кој го сакав и слепо му верував - ми возврати со тупаници
Да се подигне свеста кај жените што трпат насилство, а и на државните органи што се надлежни за вакви случаи. Да ја забрзаат постапката и да не дозволуваат манипулаторот маж да си игра со нив. Ова е пораката на Снежана Н. Христова (40) жртва на семејно насилство. Реши отворено да ја раскаже својата животна приказна, со надеж дека ќе ги охрабри и останатите жени кои ја доживеале нејзината судбина, да го кренат нивниот глас за добијат поголема заштита.
- Имав партнер, кој многу го сакав. Ми велеше дека и тој ме сака. Знаев дека љубовта ги има боите на виножитото. Но, не знаев дека ќе ги има и мојот образ кога ќе се погледнам во огледало. Дали така треба да изгледа лицето на една жена. Зарем има причина за ваков монструозен чин врз некого за кого тврдите дека го сакате повеќе од себеси – прашува Христова на почетокот од нашиот разговор.
Таа е разведена и мајка на седумнаесет годишен син и деветгодишна ќерка. Стапила во брак на 18 години со човек кој бил постар од неа една деценија. Живееле во брачна заедница 17 години и единствено недоразбирање и препрека им била неговата мајка.
- Таа е нарцис, и има огромно влијание врз него и неговите одлуки и постапки. Мене не ме поднесуваше и ме навредуваше и понижуваше. Како последица на тоа се случи и нашиот развод. Не се чувствував сакана и почитувана во тој брак и со децата се вратив кај мајка ми. Со бившиот сопруг сè уште сме во добри односи, тој е душа од човек и немаме никакви недоразбирања околу воспитувањето на нашите деца – вели Снежана и открива дека по разводот преку социјалните мрежи запознала личност која веднаш и го привлекол вниманието.
- Со Д.Д. почнавме да комуницираме преку пораки, продолживме со разговор и на камера. Ми остави впечаток дека е искрена личност и со слично минато како моето. По два месеци постојана комуникација, со повремени средби за викенд, одлучивме да живееме заедно. Тој од Скопје се пресели во Битола. Си реков ете конечно некој ме сака и ризикува се за да биде со мене – открива Снежана.
Живееле заедно на неколку наврати и ги прифатил нејзините деца. На почетокот функционирале многу убаво. Се до моментот кога и признал дека е коцкар.
- Оттогаш започнаа расправиите. Почнав да подигам кредити верувајќи му на зборот дека ќе ми помага во исплаќање на каматите. Ветување кое не го исполни дури ни по три и пол години врска. Не сум свесна како се вплеткав во неговата манипулаторска мрежа. Потоа постепено почна да покажува болна љубомора. Му пречеа моите пријатели на ФБ, ме притискаше да ги бришам. Ми ги ограничуваше разговорите со пријателките. Ми забрани да се шминкам, да излегувам сама. Направив се од тоа што бараше од мене, но никогаш не беше доста. Секогаш имаше причина да ме навредува и провоцира за кавга. Почнаа жестоки расправии. Неколку пати физички ме нападна. Прво ми удри шлаканица. Потоа прејде на тупаници и во една кавга ми ја расцепи устата. На крај рачката од метлата ја скрши од моето лице. На секој удар го напуштав, но ме враќаше плачејќи и ветувајќи дека нема да се повтори повеќе. Слепо му верував. Го сакав – вели Христова.
Кога ситуацијата станала неиздржлива, а неговото насилно однесување преминало во лудило, решила да поднесе кривична пријава.
- Влезе во мојот дом насилно, зеде нож од кујната и се закани дека ќе нè издупчи и мене и мајка ми. Го пријавивме во полиција. Некако се освести и не избега од полицијата, туку ја чекаше да дојде кај нас дома. Поднесовме приватна тужба и доби условна казна од 6 месеци, а во рок од една година да не го повтори делото. Но, во јули минатата година повторно ме нападна со тупаници во лицето, во неговиот дом, по расправија која избувна затоа што не сме го слушале и требало да правиме како ќе каже тој. Ноќта го пријавив во полициска станица во Скопје. Потоа со ќерка ми не сместија во Шелтер центар, преку ЦСР Скопје, заради наша заштита додека да се вратиме за Битола.
- Отидовме на суд, но во меѓувреме пак ме бараше, ме молеше и бевме во контакт. Ја прекршивме забраната за приближување, бидејќи премногу сум задолжена поради него. Купив апарати за домаќинство, за да го средиме неговиот дом и да се обидеме да живееме во Скопје, кај него, заради помали трошоци. Се договоривме да одиме некаде надвор од Македонија и да работиме, за да ги вратиме долговите. Ја повлеков кривичната пријава. Но, само еден месец подоцна еден ден по мојот роденден, ја скрши рачката од метлата од моето лице. Причина беше тоа, што колега од работа на ФБ ми напиша „среќен роденден“ – посочува Христова.
Ја активирала истата пријава кај инспекторката со која контактирала претходно. Во истата полициска станица, но и по 4 месеци вели дека пријавата не стигнала во ОЈО, ниту и пратиле записник, да знае како да го бара предметот.
- Пред два дена и пишав на инспекторката на Вибер да ми даде број од записникот, а таа арогантно ми одговори да не ја барам, бидејќи тоа е нејзин приватен број. Ми рече да поднесам писмено барање до МВР и ме блокира. По последниот физички напад, во Битола преку ЦСР имавме средба со Министерката за труд и социјала. Ја замолив да реагира побрзо да стигне предметот во ОЈО. Ми вети дека ќе побара мои податоци од директорката на ЦСР-Битола и ќе издејствува во ОЈО Скопје. Но, изгледа се презафатени со предизборните кампањи, па заборавила каде се навистина потребни. Исто и ЦСР-Битола поднесе кривична пријава до ОЈО-Битола, поради повторно прекршување на судското решение за забрана за приближување. Но, и од таму нема ништо – појаснува Снежана.
На крајот од разговорот искрено ги посочува и своите грешки, кои не би сакала да ги повторат жените кои трпат семејно насилство.
- Да бидам реална. Забраната за приближување ја прекршив и јас, но не се вратив за да бидам нападната. Од друга страна, насилникот е на слобода, после три кривични пријави. Му се враќав со надеж дека ќе ги средиме работите помеѓу нас и ќе елиминираме некои причини за расправии. Го сакав тој човек и го сакам. Сум имала и убави моменти со него, не трпев терор 24 часа. Но, тој има искривена слика и претстава за љубовта. Не можам да го оправдам насилството во никој случај и сакам правдата да биди задоволена. Можеби откако ќе одлежи затворска казна, ќе биди подобар човек. Не се дејствува брзо од надлежните институции, па му оставаат простор на манипулаторот да си игра. Што ако досега бев следена и нападната повторно. Ми велат „Ќе пријавиш во полиција и ние одма ќе дојдеме“. Не е точно. Повеќе од половина час треба да ги чекаш. А и ако се најдам во таква ситуација, кој ќе ми дозволи да пријавам. Насилникот-се прашува Христова која изразува голема благодарност до психологот Наташа од „Одраз“,која се вложила максимално да и помогне и нејзе и на децата.
- Благодарам и им се извинувам на сите кои ми помогнаа, а јас ги изневерив. Но, пријателите не се за да судат, туку да помогнат и да те поддржат, и да продолжат да те сакаат, барем оние кои вистински те познаваат. Бракот е само парче хартија, љубовта е таа што не држи еден до друг. Верувам во љубов. Само саканиот човек е среќен човек! Ве молам без осуди, секој си знае зошто, што и како – нагласува Снежана.
Соња Алексоска Неделковска