Соња Алексоска Неделковска: Го посетив Манастирот Тумане и сведочев на чудо

Добивај вести на Viber

Верник сум. Бог не го гледам некаде горе во бесконечноста на небото или на земјата во црковните храмови. Туку во моето срце. Молитвата која на крајот од денот ја изустувам е „Господе, прости ми ако некого повредив, не беше намерно.“ Никој човек не е безгрешен.

Опкружена сум со многу луѓе-верници, атеисти, фанатици. Ги слушам нивните искуства, размислувања. Го почитувам нивниот избор, без да го наметнам својот.

Токму тие искуства на моите пријатели со посетата на Манастирот Тумане, беа причина семејно да се организираме за дводневен духовен туризам.

Нашата прва дестинација беше градот Голубац, во Србија, девет километри од Манастирот Тумане. Додека газдарицата Јасмина Соломоновиќ (58) исклучително срдечна и љубезна жена, ни го покажуваше апартманот каде што требаше да престојуваме, ја прекинав со прашањето „Одите ли често во Манастирот, сте биле ли сведок на чудо?“ Во прв миг се збуни, а потоа ми одговори.

- Во Голубац живеам 36 години. Луѓето од цел Балкан, па и од подалеку, почнаа да доаѓаат во градот, откако е обновен Манастирот Тумане. Одам во Манастирот и верувам во Господ. Но, велат дека човекот треба многу да верува во тоа за што се моли. Да, бев сведок на чудо кое му се случи на едно момче кое беше сместено во овој апартман каде што сте вие. Мојот син го најде во паркот и дојде кај нас. Утредента си отиде околу 7 часот со автобус. Најдов само една порака, под масата на терасата. Во неа момчето имаше напишано дека не можело да зборува, односно дека било немо. Кога отишол во Тумане некој монах му дал пенкало и 2000 динари, за да преноќи некаде. И вели дека кога дошол кај нас после молитвата, почнал да зборува, односно прозборел. Тоа се случи пред една година. – ми раскажа Јасмина и дополни дека уште ја чува таа порака.

Утредента рано наутро тргнавме во посета на Манастирот, сместен во подножјето на голубачките планини, на левиот брег на Туманската река, опкружен со шума. Единствената задужбина на Милош Обилиќ, кој го изградил во чест на Свети Зосим. Верата е интимно чувство, исто како и молитвата и доживувањето во текот на престојот на ова свето место. За тоа не се зборува, ниту пак се пишува. Мој избор.

Наидов на Отец Зосим, кој животот го посветил на Бог и на Манастирот. Тој треба да зборува, си реков. И прифати.

- Луѓето доаѓаат со вера. Верата ги исцелува. Доаѓаат луѓе верници Православни Христијани, но и од други конфесии. Се случуваа чуда со исцелување и на припадници на муслиманската веросиповест, католици. Најважно е човекот да дојде со чисто срце, со вера, а Свети Зосим и Свети Јаков му помагаат. Кај нас во Тумане има и дел од моштите на Свети Нектариј Егински, кој се упокоил пред 103 години од рак, така што со неговите молитви се лечи карцином. Манастирот Туман за мене ја има најголемата светиња, тоа е Богородица Курска. Таа ја донела братијата од Русија, којашто дошла по Октомвриската Револуција во Србија..

Тука го прекинав со прашањето за чудата на Манастирот.

- Тешко е да се каже дека секојдневно се случуваат чуда. Но, се случуваат. Луѓето кажуваат за своите исцелувања, велат дека молитвата пред Богородица Курска им дарува пород на брачните парови, потоа има исцелување пред раката на Свети Нектариј Егински од карцином. Еден скептичен господин десет години имал укочена десна рака. Неговата сопруга била на молитвата и тој ја спуштил раката врз кивотот (ковчетот) на Свети Зосим. По завршувањето на молитвата, тој се прекрстил со таа болна рака. Неговата жена од возбуда паднала во несвест. Пред еден месец, беше вечерна служба и кога влегов во црквата, едно момче веќе се наоѓаше пред моштите на Свети Јаков. Во полутемнината, момчето беше со рацете потпрено на кивотот (ковчегот) на Свети Јаков и кажуваше некоја своја молитва. Службата траеше и кога заврши, тој излезе од црквата и потоа му кажа на ѓаконот Јаков дека бил десетина години слеп и дека тука прогледал. Потоа отиде до испосницата на Свети Зосим, ги опиша боите, патот, луѓето. – ми одговори Отец Зосим.

Сега, една недела по посетата на Манастирот, постојано ми се вртат во главата последните зборови од молитвата на отецот кој ја кажа пред големиот број верници: „Сепак сѐ зависи од вас, од вашата верба, трпение, храброст, самоиницијативност, борба.“ И да, и од тој што го чувам во срцето! Тој гледа се!

Соња Алексоска Неделковска