„Тешко иде, ама не се предаваме до крај“: Мислите кои Бомбакис ги пишува на картон, утринава го разбудија Скопје

Мислите напишани на картон се негов заштитен знак повеќе од две години, а денес идејата која му се вретела подолго низ глава, ја виде светлината на денот.

Пораки напишани на картон забележаа многумина утрово во Скопје, а под нив потпис #B.


Тоа што го најави ноќеска, го видовме утринава, и сѐ беше јасно.


-Мојата порака е повеќе од јасна еве веќе 2 години како постои профилов. Пред сѐ да ја кренеме свеста на луѓево на повисоко ниво а потоа колку можеме во ова време да шириме позитивна енергија. Нема да се лажеме не е мој стил тоа, тешко иде ама не се предаваме до крај!“, ни изјави Кристијан Станковски познат како Бомбакис чии пораки напишани со фломастер на картон по кои е познат во јавноста, утринава осамнаа на улиците во Скопје.

Неговите картони се полни со пораки од секојдневието, од актуелните настани и случувања, но и од многу животни ситуации.


Како што ни рече Бомбакис, идејава која подолго време ја имал во глава, дошол момент да ја реализира. 

„Си требаше подолг период спремање и материјали, но еве на крај успеав. Идејава ми стои во глава веќе подолго време но никако да најдам простор и време да ја реализирам но еве дојде и тој момент“.

А колку Кристијан се надева дека ќе поттикне промена кај луѓето по оваа несекојдневна акција?

-Искрено се надевам дека може да се промени нешто, затоа и го правам ова и не сум се откажал. Тешки луѓе сме и менталитетот ни е претежок општо за сѐ ама знам дека сум успеал кога некој ќе сподели нешто од мене, кога некој ќе се насмее на некој картон некоја порака, така чувствувам дека има надеж и дека можеме да се промениме. Секако промента доаѓа од секој еден од нас, вели нашиот соговорник кој планира да ја рашири акцијата и во други градови, но како што посочи му треба логистика од луѓе.

„Не е само Скопје во нашава Македонија, имам почит кон сите градови еднакво, сите заслужуваат да бидат испочитувани од моја страна, така што во план ми е да ја раширам идејата и за во други градови за што ќе ми треба логистика од луѓе кои живеат таму.


Ирена С.