Утринско Франк кафе со Едина Муса: Дисциплината е поважна од мотивацијата

Денот ми започнува во раните утрински часови со краток тренинг во домашна атмосфера, уште пред првиот оброк. Потоа следува доручек и подготување за дневните обврски. Во нормални услови, во утринските часови имам персонални тренинзи со клиенти, па време за утринско кафе користам откако ќе направам пауза. Тоа обично е во теретана, па друштво ми се некои од колегите на смена.

Работам како фитнес тренер и поголемиот дел од денот го поминувам во теретана со своите клиенти. Но исто така и сум дел од новиот клуб на женскиот кошаркарски тим „Работнички“ , каде што освен како играч имам и улога да водам дел од обврските кои ги налага тимот. Во вечерните часови, на своите клиенти и на сите оние кои немаат можност да посетуваат приватни часови во терена, изработувам режими за исхрана и програми за вежбање. Во слободно време , сакам да сум со најблиските и со фамилијата.

Не секогаш мотивот е главна причина да си ја остварам целта што ја имам зацртано. Верувам дека дисциплината е многу поважна и дека таа ме води напред. Секако дека добивам мотивација и од постигнат резултат, но главна причина за да се радувам на успесите се сите оние кои ме следат во мојата работа и моите постигнувања. Бесценето е чувството кога добивам пораки и пофалби од луѓе на кои им се допаѓа тоа што го правам , знаејќи дека на некој начин сум помогнала да си го најдат својот пат. Убаво е кога знаеш дека влијаеш позитивно со напорна работа и кога некој зема пример од цела таа приказна. Тоа ми дава мотив.

Денот обично ми завршува откако ќе завршам и со домашните обврски, по што следува добар филм или серија. Најчесто сум со своето момче или со некој член од фамилијата. Ако се излегува, избирам интимно место во друштво со блиски пријатели и пријатна атмосфера .

Наоѓам задоволство и во книгата, но сепак би се одлучила за добар филм. Книгите што ги читам обично се од браншата во која работам, а тоа е или нешто за исхрана или за кошарка и фитнес. Романи, времето ми дозволува да читам само во лето, најчесто на плажа. Често одам во кино, тоа ми ги полни батериите после напорните денови.

(Едина Муса- фитнес тренер и кошаркарка)