Утринско кафе со Цеце Николова: Најмногу време поминувам на Инстаграм

Добивај вести на Viber

После 1, 2, 48, 73, 90.... аларми, ми почнува денот. Кога ќе сфатам која сум, кај сум, зошто сум тука и што свиреше пред малку (алармот, нели) - станувам и пуштам музика најгласно на свет, додека се подготвувам за на работа (ако ме читаат соседите, да, јас сум таа).

Утринско кафе со Цеце, ама јас не пијам кафе, хаха. Не терам здрав начин на живот, туку немам таква навика. Но, кога ќе стигнам на работа, бидејќи сите пијат нешто, пијам и јас... чај, какао, или топло чоколадо.

Јас сум тип на човек кој во различни ситуации различно се мотивира. Но, најчесто ме мотивира она што сум го замислила како крајна цел која треба да ја постигнам во одреден период. Кога ми е тешко да завршам некоја обврска, кога нешто крајно ме нервира и воопшто не сакам да го правам - само помислувам дека ова е патот кој морам да го изодам за да стигнам „до тоа убавото“.

Иако најверојатно голем дел од читателите на „Женски магазин“ се прашуваат која е мојата професија, можеби најпрво треба да споделам дека сум новинар кој работи во пишан и во телевизиски медиум, а потоа и обврските кои се неизбежни на двете работни места. Пишаниот и телевизискиот медиум се два сосема различни светови, па така, секој од нив си носи и различни предизвици. На пример, во „Сител“ секојдневно договарам разни снимања, интервјуа, стории, социјални приказни, настани... во рамки на Утринската програма. Додека во порталот „Точка“ принципот на работа е сосема поинаков. Пишаниот медиум бара брзи информации, интересни содржини, видеа, фотографии, интервјуа...

После сите обврски, денот не ми завршува нешто многу спектакуларно (се смее). Најчесто слушам музика, пишувам книга (се надевам во овој живот ќе ја завршам), најмногу време поминувам на Инстаграм, да не се лажеме. Се трудам да најдам време и за некој добар филм, бидејќи тоа е еден од неколкуте начини барем накратко „да се тргнам“ од реалниот свет. 

(*Цеце Николова- новинар)