Утринско кафе со Ивана Чингаровска: Ја имам привилегијата да мојот ден го поминувам во најинспиративното работно опкружување

Секој ден го започнувам со мислата дека мојот живот е манифестација на моите соништа, и дека во секој момент можам да го променам, доколку не уживам во него. Јас сум тип на човек кој максимално сака да ужива во животот, како и секој млад човек. Сакам да патувам, да се дружам, да се забавувам со пријателите и семејството.

Да бидам искрена од целиот ден најтежок ми е почетокот, јас не сум голем љубител на кафе, но во такви прилики утринското кафе го пијам со колегите од канцеларија.

Најголем бенефит од утринското кафе се разговорите со колегите, кои ми даваат дополнителна енергија и мотив за успешно исполнување на работните обврски. Имам среќа да работам во компанија, во која деловното опкружување и целата атмосфера е многу релаксирана, и дава можност за исполнување на обврските со посебна леснотија .

Не сум страствен љубител на кафе, и немам некој посебен рецепт. Сепак, ако треба да се одлучам за некој тип на кафе по мој вкус, тоа е еспресо, без дополнителни додатоци.

Ме мотивира желбата за успех, желбата да бидам успешна и самостална личност, којa не зависи од никого, некој кој може да помага и на други. Предизвикот да научам нешто ново, да воспоставам нови контакти, да посетам нови дестинации, се исто така мотив на мојот пат во животот.

Ја имам привилегијата да мојот ден го поминувам во најинспиративното работно опкружување. Моја среќа како млад човек, штотуку дипломиран економист, е својот професионален пат да го трасирам во компанија во која разбирањето и поддршката за млади луѓе е навистина на високо ниво. Среќна сум што сум одлично прифатена во работната средина, каде минувам голем дел од денот. По пристигнувањето на работното место имам секојдневни контакти со клиентите, кои се од најразлични компании или физички лица, што користат услуги на Кроација осигурување. 

Во попладневните часови, по завршување на работното време најчесто се гледам со пријателите, а вечерните часови во работните денови ми се резервирани за семејството, најчесто во разговори со мајка ми, од која ги добивам најкорисните животни лекции. За време на викендите, спијам подоцна, а навечер излегувам со пријателите.

Искрено повеќе сакам да гледам филмови. Имам изгледано доста филмови и серии а дел од нив се и адаптирани филмски сценарија врз основа на некоја книга, па чувството ми е исто како да сум ја прочитала и книгата.

Дополнителна енергија ми дава секој збор на поддршка или пофалба добиен од моите родители, од брат ми, од моите пријатели и секако од моите колеги. Енергија ми дава и секое патување, дружење и секој постигнат успех на било кое поле од животот. Сепак, посебна енергија ми дава и мојот омилен спорт, скијањето и затоа со нетрпение ја очекувам секоја зима и започнувањето на скијачката сезона.

*Ивана Чингаровска - Консултант за осигурување во Кроација Осигурување