Утринско кафе со Кристина Томовска: Среќна сум кога гледам насмеани и мотивирани луѓе

Денот ми почнува со турско кафе и музика на ТВ, па додека седам во пижами читам на мобилниот што се случува на социјалните мрежи. Обожавам да слушам музика, па знам и да си запеам и заиграм во знак на добро расположение за претстојниот ден. Кога е мајка ми дома, ова време го користам заедно да си пиеме кафенце и да се видиме на раат и помуабетиме. Потоа следуваат пијалоци на природна база за подобар имунитет и овошје. Подготовките за на работа ми одземаат прилично кратко време бидејќи уште од мала имам навика да спремам од вечерта тоа што планирам да го облечам утрото.

Среќна сум кога гледам насмеани и мотивирани луѓе околу себе, па затоа секогаш се трудам да бидам ведра и со позитивна енергија,  а со тоа и да помагам најмногу што можам. Вербата и надежта се мојата најголема мотивација, верувам дека самите ние можеме секој ден да си го направиме поубав од претходниот истовремено остварувајќи ги зацртаните цели и соништа.

Секако дополнителна мотивација се секогаш и луѓето од нашето секојдневно опкружување, па љубовта и посветеноста на моите родители, сестра ми, дечко ми, пријателите и целото семејство постојано допринесуваат да бидам посреќна и поуспешна личност.

Секој работен ден почнува со редовниот колегиум со тимот, каде се прави план за дневните активности и follow-up  на актуелните производи и резултати од работењето на Силк Роуд Банка. Второто кафе го пијам некаде околу пладне кога повторно се среќаваме со тимот со цел размена и креирање на нови идеи во врска со претстојните маркетинг кампањи согласно годишниот план за работа. Работењето со тим од квалификувани и мотивирани колеги навистина ми претставува огромно задоволство и предизвик се со цел развивање насе поголема свесност за нашиот бренд и екслузивното партнерство со Американ Експрес(AMEX).

Во меѓувреме следуваат состаноци, кредитни комисии и состаноци надвор од Банката со клиенти или соработници, па во тие случаи обично пијам цеден сок.

Морам да признаам дека најголем дел од времето го поминувам работно, па така во текот на денот приватните обврски ги регулирам телефонски и со помош на семејството.

Најчесто дома се прибирам во доцните попладневни часови и бидејќи скоро секогаш сум гладна, па прво што правам е да ручам (јас не сум јас кога сум гладна). Претпочитам да одморам барем половина час во тишина со затворени очи, но тоа ретко се случува бидејќи внукот од сестра ми, Огнен, е многу често кај нас дома, па си имам најдобра занимација дружејќи се со него. Во текот на неделата со сестра ми одиме на Јога и/или зумба, зависно од расположение и од тоа колку сум уморна.

Во вечерните часови, особено во летниот период, сакам да излезам на сладолед или Мохито  со дечкото и/или сестра ми и другарките со цел да се опуштам од бурниот работен ден.

Морам да признаам  дека сум навистина голема филмоманка и ретко некој филм да го немам гледано (се натпреваруваме со татко ми кој повеќе глумци знае).  Најчесто се успивам со некој добар филм или серија на Фокс Лајф. Во слободно време особено во зимскиот период гледам еден ден во неделата да одам во кино. Во последно време ретко кога наоѓам време за читање книги, но кога ќе решам да прочитам добра книга тоа е сигурно од Гијом Мисо, Пауло Коелјо или Робин Шарма. Инаку, последната книга која неодамна ја прочитав за време на летниот одмор на море, е Среќното семејство од Робин Шарма, која најтопло ја препорачувам на сите оние кои сакаат на најдобар можен начин да воспостават хармонија, љубов и неизмерна среќа во своите домови. 


(Кристина Томовска- Директор на сектор за население во Силк Роад Банка)