Утринско кафе со Марија Бакиевска: Мојата најголема мотивација доаѓа од љубовта за луѓето

Околу 06:00 часот наутро започнува мојот ден. Го започнувам со утринско ладно кафе и се препуштам во топлата атмосфера на поезијата.

Потоа веднаш започнувам со пишување на некој стих или строфа.

Мојата најголема мотивација доаѓа од љубовта за луѓето, гледајќи ја нивната уникатност и неспоредливост тоа раѓа во мене поттик за пишување.

Едноставно не можам да останам рамнодушна на потребата за убав збор и избројаната прилика да се подари истиот тој убав збор. 

Оваа година во мај месец си дадов еден предизвик кој трае 365 дена, предизвикот беше секој кој сака денот да му започнува со коцка шеќер поезија да ми одговори со „Да“ во порака.

Бев изненадена од бројот на луѓе кои одговорија со „Да“ на мојот предизвик.

Тоа беше уште еден голем чекор на мотивација за довршувањето на мојата прва книга која наскоро ќе има промоција.

Секојдневните планови ми се околу одвојувањето време за пишување, и вложување на време каде што ја добивам мојата инспирација.

Потоа продолжувам со обврските за на работа.

Вообичаено денот ми завршува со мал одмор после работа, дружење со колегите и пријателите, и подготовка за наредниот ден.

Инаку сакам да читам книги, а многу ретко гледам филмови и серии.


* Марија Бакиевска - вработена во угостителството во Загреб и писателка*