Утринско кафе со Марина Сивакова- Тасков: Верувам во бајки

Мојот ден започнува многу рано и без кафе. Не сум тип кој пие утринско кафе за да се разбуди и за да функционира во текот на денот. Мене денот ми започнува со возење точак (статичен) а понекогаш и на кеј (гледам да биде речиси секој ден).  Важно ми е здравјето  и здравите навики да имаат приоритет во мојот живот. Сакам и моите деца да учат од убавите навики, да бидам пример и за нив.  Кафе пијам многу ретко, и обично се случува кога ќе пристигнам на работа, и тоа повторно не од потреба туку колку да направам друштво на колешка/клиент. Кога ќе се договорам со моите другарки на кафе, јас обично порачувам вода или џус. 

Ме мотивираат позитивни и успешни луѓе. Енергијата што тие луѓе ја имаат и ја пренесуваат кај мене буди позитивна мотивација и насмевка на лицето а најмногу ме мотивира работата со и за децата. Помислата што се може да се сработи за нив и со нив е нешто што ме држи постојано будна. Знаејќи дека на крајот од било кој проект ќе произлезат насмеани и среќни дечиња е голем успех и доказ за мојот труд. Се разбира дека за мотивацијата може многу да се дебатира, но јас еве ќе споделам само еден дел.

Моите обврски и планови генерално се поврзани со градинката „Пиколини“ во која што сум сопственик и директор. Едукацијата, воспитувањето и згрижувањето на децата од најмала возраст е голем предизвик со кој се соочувам секој ден. Се трудиме постојано да бидеме во чекор со сите новини во нашата дејност и да го гледаме светот како глобално место од каде што проектираме концепт на мултикултурност и различност, за кое сме горди веќе 12 години. Нашата мисија како детска градинка е да ги мотивираме, инспирираме, поттикнеме и да ги поддржиме децата обезбедувајќи им безбедна и сигурна средина во која ќе ја стекнуваат и ќе ја развиваат својата самодоверба.

Попладнето ми е омилениот дел од денот. Кога сум дома со своите најблиски и кога ќе ги видам здрави и среќни, е дури тогаш се смирувам и сум своја. Во попладневните часови сакам да прошетам или да облечам пижами и да гледам некој филм. Филмовите и пижамите ми се слаба страна. Одам често во кино и во театар, и така си ја добивам дозата која ми е потребна да ми ги наполни душевните батерии. Верувам во бајки, за мене сите приказни се вистинити, а верувам дека и мојот живот е една приказна. Понекогаш, сѐ  што сакам е времето да застане и така да остане некој момент, пред да се врати реалноста и обврските кои не чекаат.

* Марина Сивакова- Тасков, сопственик и директор на градинката „Пиколини“