Утринско кафе со Мила Јаневска: Ги ставам сите ноти во чанта и излегувам од дома

Денот ми започнува околу 9 часот наутро, кога алармот од телефонот ќе заѕвони, а јас веднаш помислувам на сите обврски кои ме очекуваат во текот на денот. Си подготвувам мал доручек, ги ставам сите ноти во чанта и излегувам од дома. По 20 минути пристигнувам на Универзитетот за музика во Виена каде што студирам веќе три години, го нарачувам првото утринско кафе кое секој ден го пијам покрај клавирот во една од просториите на Универзитетот. Се расонувам и почнувам со распевање на гласот за да се подготвам за сите проби и часови што ги имам тој ден.

Секој изминат ден во Виена за мене претставува мотивација. Љубовта кон мојата професија, секој испеан тон, разговорите со моите родители, дружбата со пријателите, прошетките низ парковите и замоците, посетување на театрите и слушање на моите идоли во операта се само дел од работите што ми се случуваат секојдневно, а ме мотивираат и ми даваат поттик за следниот ден. Најмногу од сѐ ме мотивира правдата. Срцето ми се исполнува кога ќе добијам некоја улога и кога сфаќам дека целиот вложен труд се исплатил.

Секој ден од неделата одам на факултет, каде што имам часови по пеење, предавања и многубројни проби. Таму го поминувам поголемиот дел од времето во текот на денот, а многу често останувам до вечерните часови за да вежбам за наредните настапи. Периодов ми беше исполнет со многу концерти и улоги, така што секој ден ми поминуваше во музички, режиски и сценски проби со многу диригенти, режисери и оперски пејачи кои се истакнати во светот на операта. Не поминува ден, а да не размислам кои се моите следни цели на кои морам да се фокусирам.

После секој напорен ден, сакам само да пристигнам дома и да се одморам. Најчесто готвиме вечера со моето момче и пиеме една чаша вино. Се опуштаме со некој добар филм или серија. Кога немам многу обврски филмот го заменувам со книга. Го местам алармот во 9 часот наутро и потонувам во моите соништа.

( Мила Јаневска- оперска пејачка, сопран на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, Австрија)

* Фотографиите се направени во Македонска филхармонија пред објективот на Bella, додека Мила се подготуваше за нејзиниот втор солистички концерт во Скопје