Утринско кафе со Таско: Голем фан сум на филмови со суперхерои

Денот ми започнува во зависност од тоа дали претходната вечер сум имал настап или не. Во случај кога сум послободен обично станувам порано, одам во теретана, каде што се расонувам со протеински шејк, хахаха.

Потоа имам обичај да го побарам Гордан, со кој го пиеме првото кафе секој ден во последната година, и кроиме планови за претстојниот ден, во зависност од обврските кои ги имаме.

Некогаш тоа е подготвување за настап, некогаш е снимање на нов видео запис, нова песна, фотосесија и слично. Бидејќи сме релативно млади, сето ова не ни претставува проблем бидејќи го правиме со многу љубов и посветеност. Знаете како викаат, кога ќе ја работиш работата што ја сакаш, нема да треба да работиш ни ден во животот.

Искрено ме мотивира тоа што добивме одличен фидбек од македонската музичка естрада, како и од многубројните фанови кои секојдневно ни ја искажуваат нивната љубов преку социјалните мрежи, и кога ќе не видат во живо. Тоа е неопислива сила која не мотивира да креираме, и да работиме со полна пареа, а полните клубови, и луѓето кои доаѓаат за да не видат се доволен доказ и уште поголем мотив за работа.

Најчесто вечерта ја минувам во студио или негде низ Скопје. Знам да бидам со другарите, но поради тоа што најчесто ми се случува да ми дојде инспирација ноќно време, гледам да сум или дома или во студио. Како што доаѓа времето, веќе викендите не ги поминувам дома, односно сум на настапи, дали биле во Скопје, дали биле низ Македонија, така да тој дел од ноќниот живот и не ми недостасува баш толку.

Голем фан сум на филмови, особено филмови со суперхерои. Обожавам да ги гледам филмовите на „Marvel“, (извинете сите што сте „DC“ фанатици), како и некој добар трилер. Книги читам поретко, но далеку од тоа дека не читам, меѓутоа за добра книга треба и време, што мене во принцип ми е многу мало, и се поретко читам книги. Меѓутоа се е вкус, така што ако има некоја книга која е преработена во филм, би го изгледал филмот попрво.

(Кристијан Тасковски- Таско, музичар)