Верица Пандиловска: Баба ми ни остави аманет - еден во куќата мора да пости за здравјето на сите

Постот е една од нормите кога личноста може комплетно да се контролира, така што исхраната како секојдневна филозофија на нашето постоење, ја држите под контрола за Бога, за себе и за сопственото здравје.

Причините за повеќедневниот пост се различни кај луѓето. Најчесто тие постат од религиозна, но и од здравствена природа.

Пејачката Верица Пандиловска потекнува од религиозно семјство, кое ги почитува верските празници. Божикниот пост го практикувала како девојка, а и сега како семејна жена.

- Еден во куќата мора да пости, за здравјето на другите", е аманетот на мојата баба, кој најчесто го практикуваме жениете во семејството. Кога бев девојка постев шест недели. Изминативе години поради обврските тоа го правам првата недела од божикниот пост и последната. Во тие денови практикувам да јадам овошје и зеленчук во големи количини. Се трудам што е можно помалку да користам тесто, леб и благи работи- вели Пандиловска и открива дека пости од религиозен, а не од здраствен аспект.

- Верувам дека со оваа моја констатација ќе се сложат и голем број од вашите читатели. Постот претставува чистење, но, тоа не е само преку храната. Пред сé тоа е чистење на нашата душа, смирување, покајание, рамнотежа и баланс на телото и душата. Без лоши мисли, со разбирање за суштината. Постот е чистење и состојба на умот, за кој е потребна верба,челична волја и концентрација – појаснува таа.

Бадник и Божик ги прославува традиционално. Сама се грижи за подготовка на семејната трпеза. 

-Како што е редот, домашно приготвените јадења заземаат централно место. Посна пита, посни сармички, посно гравче во земјени садови, кое и по мирисот и вкусот ме потсетува на детството, на семејните ручеци и вечери, на традицијата. Има и јаткасти плодови, костени, разновидно овошје. На Божик приготвувам јадења кои се синоним за празникот. Но, најважно за овие празници е балансот, слогата, мирот во домот и душата – заклучува Пандиловска.

Соња Алексоска Неделковска