Запира извршувањето, ама каматите ќе си течат

Запира извршувањето од сметките на граѓаните и фирмите, ама нема да запре пресметката на каматата на долгот што го имаат. Фактор разговараше со извршителите кои велат дека досега нема владина уредба која ограничува да не се наплатува затезната камата. Впрочем ова значи дека граѓанте и фирмите кои имале задршки на плати или од сметки по основ на некое извршно решение, за истото до 30 јуни нема да плаќаат, односно банката нема да задржува рата во висина која била договорена, ама тоа нема да значи дека на долгот нема да тече камата. Тоа пак во превод значи дека на кртајот на отплатата на сиот долг, слично како и кај грејс периодот што го дадоа банките, вкупната сума за враќање ќе биде зголемена.

Зоран Димов, претседател на Комората на извршители за Фактор вели дека нема уредба која изрично забранува да се стоприра пресметката на каматата. Сепак ова не го наплатуваат и пресметуваат извршителите туку тоа е обврска на банките кои впрочем и ги прават задршките кога постапуваат по налозите од извршителите.

„Доколку има уредба да не се пресметува секако дека банките ќе почитуваат. Најверојатно до сега нема таква уредба, па каматата ќе тече. Мислам дека имаше некои преговори, но не знам каков е договорот, вели Димов за Фактор.

Инаку тој вели дека во овој период тие не смеат да прават нови извршни дејства освен во некои случаи кои јасно стојат во владината уредба. Старите решенија по основ на кои веќе се задржува од сметките ќе бидат стопирани до 30 јуни. Извршителите велат дека дури и некои од должниците кои немале задршки од плата, а кои самоволно уплатувале по дел од долгот на месечно ниво, сега престанале да го прават тоа. Во овој период, приходите ќе им бидат намалени за над 90 отсто и вели дека ова ќе се одрази на нивната работа.

Целиот текст за извршителите и нивните налози прочитајте го на Фактор.мк