Здравко Чолиќ најдобро се опушта со нашите тамбури: „Гезме“ со нов албум

„Дуња отровна“ е новиот албум на тамбурашите „Гезме“. Песните за кои музичарите велат дека се со голем мерак создавани се претежно балади.

Ова е трет албум на тамбурашите кои се познати по соработката со многу домашни и балкански ѕвезди меѓу кои Здравко Чолиќ и Елена Ристеска.

„ Песните се создаваа многу години и чекаа ден да се снимаат и да се промовираат“, вели авторот на музиката, текстот и на аранжманите на песните Горан Михајловски, инаку член на групата. Сите приказни во тесктовите се негови, освен една која ја напиша Снежана Николовска.

„Претходно имаме издадено два албума. Едниот ео наслов „Најубавите рефрени со тамбурите на Гезме“, на кој ги обработивме народните песни во наши аранжмани а во изведба на елитата на македонската народна песна, а другиот по исти урнек на кој настапија најдобрите изведувачи на поп музиката кај нас. Во моментот настапуваме низ многуте локали по Македонија, на разни приватни забави, свадби и други евенти , а кога сме слободни за викенд петок или сабота сме во ресторанот Досие Скопје“, ни изјави Михајловски.

„Гезме“ со Елена Ристеска одржаа успешен концерт на Античкиот театар во Охрид во 2011 година, на Фестивалот Balcan Music Square. Имаат одржано и повеќе концерти и со Миле Кузмановски.

Здравко Чолиќ на речиси секое негово доаѓање во Македонија, сака да се опушти со музиката на „Гезме“, а повеќе пати има запеано со нив. Минатиот пат, кога настапи во Скопје, со „Гезме“ соработуваше и Ален Исламовиќ.

„ Од пејачите од поранешна Југославија сме настапувале со цела плејада. А најмногу со Здравко Цолиќ, Петар Грашо, Борис Новковиќ, Ален Исламовиќ, Јелена Розга“, вели Горан и се сеќава на нивната прва средба со Чолиќ.

„ Со Здравко Цолиќ се запознавме на отворањето на новиот плоштад во Куманово 2006 година, и од тогаш трае нашето дружење на приватните забави ,и како што тој знае да каже: После напорниот концерт, најдобро се опушта со звуците на нашите тамбури“, додава Михајловски.

Албумот „Душа отровна“ нема да се најде во продаба, а ќе се дистрибуира како промотивно издание.

М.Џ.