Женски Магазин во посета на најпознатата пивница во Германија

Доколку себеси се сметате за страстен пивопиец и уживате во вкусот на пивото, овие неколку земји ставете ги веднаш на листата за посета, затоа што токму таму се произведуваат најпознатите светски пива-Белгија, Ирска, Холандија, Чешка, Германија.Токму во Германија вашата травелхоличарка се одлучи да ја посети најпознатата пивница во светот и тоа во срцето на Минхен.

Минхен е третиот најголем град во Германија по Берлин и Хамбург и има околу 1,35 милиони жители.Едно истражување спроведено од „National Geographic Traveler“, избра повеќе од 100 историски места во целиот свет и Минхен е на 30-тото место како најдобра дестинација.

Љубовта на Германците кон пивото е споредлива само со љубовта на битолчани кон кафето (се смее). Затоа, секој турист во Минхен е должен да ги посети најпознатите пабови.

Дали знаевте дека Минхен е најголемиот центар на уметноста, напредната технологија, најголемиот финансиски, културен, образовен, деловен туристички центар на Германија и Европа? Па, сега знаете. Вредното историско и културно наследство видливо на секој чекор го прави Минхен  неизбежна туристичка дестинација.

Минхен, престолнината на пивото, дом на Октоберфест, најголемиот фестивал посветен на пивото, град каде овој пијалок е вистински култ.После посетата  на главниот градски плоштад Мариенплац, кој се наоѓа во центарот на градот, градската куќа со раскошниот часовник, Старата градска куќа која е претворена во музеј за играчки, најстарата црква во Минхен - црквта Св. Петар, бројните театри, музеи и галерии, музејот Брандхорст, Германскиот музеј, Националниот театар - седиште на Баварската опера и Баварскиот оркестар, Националниот балет и опера, Минхенскиот театар, музејот на BMW, време  е за уживање во различните вкусови на пиво.

Пивниците се места каде туристите од целиот свет уживаат во веселата атмосфера пиејќи баварско пиво. Една од нив е Хофбраухаус (Hofbräuhaus) - најстарата пивница во Минхен, воедно е и најпозната таверна во целиот свет, каде дневно се испиваат и над 10.000 литри пиво. Се наоѓа во самиот центар на градот и ја држи и втората по големина хала на Октоберфест, една од најголемите атракции во Минхен.

- Пивницата е поделена на 4 дела. Најголемиот број на гости седат во предниот дел на пивницата каде има околу 130 места и дел за дувачкиот оркестар. За честите гости, во пивницата постои и дел посветен за нив како и подлоги за пивото. Исто така честите гости имаат и свои кригли, а оваа традиција се провлекува од самиот почеток на постоење на пивницата од кога на криглите се напишани имињата на честите гости. Делот каде седат честите гости се нарекува „Stammtisch“, тука место добиваат оние кои ја посетуваат пивницата секоја вечер (за да добиете почесно место овде потребно е и да ве запомнат келнерите).

Во летниот период функционира и дворната површина со капацитет за 400 гости. Во оваа пивница пивото се пие исклучиво од литарски кригли. Во своето портфолио Хофбраухаус има 13 видови на пиво, најпознато од нив е Original (5,1%), Oktoberfestbier (6,3%). Следува Maibock (7,2%), сезонско пиво кое се служи на пролет.

Пивницата е изградена во 1589 тата година. Ја сметаат за најпозната во светот, посебно кога се знае податокот дека може да собере и 4.000 посетители. Тука се наоѓаат и две сувенирници како и дел за продажба на пециво односно карактеристичните переци кои одат заедно со пивото.

Hofbräu пивото е едно од најдобрите светски пива, тврдат љубителите на пиво. Кога одите во Минхен неопходно е да ги знаете основните имиња за видови на пиво и тоа:

* Hell – класично светло пиво

* Dunkel – темно пиво

* Weisse – пченично пиво

* Weisse Dunkel – пченично темно пиво

* Doppelbock – доста темно пиво

Квалитетот на пивото е потврден со векови наназад, а најпознати пивари се: Paulaner, Lowenbrau, Augustiner, Spaten, HB, Hacker-Pschorr, Schneider.

На вториот дел од оваа пивница е поставен пивски музеј. Над 500 години стариот Указ за чистота на пивото е гаранција за висок квалитет на германското пиво. Но, за пасионираните конзументи, одамна е важен и специфичниот вкус на пивото, кое го има во импресивен број видови во Германија - дури 5.500.

Пивницата Hofbräuhaus, една од најстарите во Германија, ја посетуваат туристи од целиот свет. Има препознатливо лого HB, кое е на плава позадина како баварското знаме. Гостите седат на долги дрвени столови и маси, келнерките и келнерите се облечени во традиционалните баварски костими, а атмосферата овде е секогаш весела, со оглед на тоа што често уживањето во пивото е проследено со баварска музика во изведба на дувачкиот оркестар, па не ретко се случува и голем број на гости да запеат заедно со музичарите.


Она што не смеете да го пропуштите доколку сте љубител на пиво е најголемиот фестивал посветен на овој пијалок Октоберфест, фестивал кој задолжително мора да се посети барем еднаш во животот, бидејќи е најголемата атракција на Минхен и најголем светски народен фестивал. Трае 16 дена ипривлекува милиони посетители кои ги посетуваат познатите минхенски пивари и различните атракции во забавниот парк. Октоберфест за прв пат се одржал на 12-ти октомври 1810 година во чест на одбележувањето на бракот на трононаследникот Лудвиг и принцезата Тереза фон Сахсен-Хилдбургхаусен.

Фестивалот бил затворан со коњски трки и во следните неколку години трките продолжиле и со текот на годините се стигнува до она што денес се нарекува Октоберфест. И покај неговото име, фестивалот се одржува во септември и секогаш завршува на првата недела од месец октомври.

Неда Маретиќ