Крушево: Културно-уметничка програма, се одбележува денот на раѓање на Тоше Проески
Со пригодна културно-уметничка програма, денеска во Крушево се одбележува роденденот на македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска.
По тој повод во „Спомен куќата на Тодор Проески“ во Крушево денеска од 9 до 16 часот се одржува крводарителска акција, како и изложба на 50 ликовни творби со ликот на Тоше, изработени од учениците од Основното училиште „Никола Карев“ и од Гимназијата „Наум Наумовски –Борче“. Во рамките на културно-уметничката програма, претпладне настапија локалното дуо „Кици и Пеце“, хорот на гимназијата и сопранистката Билјана Јосифов придружувана од клавијатуристот Сашо Николовски. Претходно беше положено цвеќе на вечното почивалиште на легендарниот македонски пејач.
Во Крушево, за одбележувањето на роденденот на Тоше пристигнаа голем број фанови од Македонија, Србија, Хрватска, Русија, Словенија, Бугарија и други земји, што е потврда дека големата музичка ѕвезда живее со песните и во спомените на сите од овие простори.
„Спомен куќата на Тодор Проески“ во Крушево, каде што се сместени над 350 експонати поврзани со животот и музичката кариера на Тоше, од отворањето досега ја посетиле повеќе 600 000 гости од земјава и од странство.
Одбележувањето на денот на раѓањето на Тоше Проески е во организација на „Спомен –куќата на Тодор Проески“, со поддршка на локалната самоуправа, Меѓународната фондација „Тодор Проески“ и крушевската гимназија „Наум Наумовски Борче“.