,

Шекеринска од Глобалниот форум на жените–политички лидери: Заканите не мора да се во униформа

Добивај вести на Viber

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Минхен учествуваше на панел на тема „Новите закани побаруваат ново лидерство: Утврдување на глобалната безбедносна агенда од перспектива на жените“ организиран од Глобалниот форум на жените – политички лидери. Панелот се организираше во пресрет на Минхенската безбедносна конференција која започнува денеска. Панелот стави фокус на прашања поврзани со безбедносната политика, новите закани, социјалната кохезија во безбедносните дебати, и на тоа кои се главните приоритети на безбедносните политики и како жените-политичари можат да дадат една нова перспектива во менаџирањето со заканите. Говорејќи за безбедносните мерки и новите закани, Шекеринска рече дека денес заканите не мора да се во униформа, туку дека тие се манифестираат со ерозијата на главните принципи и вредности. Додаде и дека новата влада прави сè што е во нејзина моќ да ја врати Македонија на патот кон демократските вредности, слободите и просперитетот. Говорнички на овој панел покрај министерката Шекеринска беа и бароницата Кетрин Ештон, поранешна потпретседателка на Европската комисија и поранешна висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Џенифер Морган, извршен директор на Гринпис Интернационал, Патрициа Флор, генерален директор за Меѓународниот ред, Обединетите Нации и контролата на вооружувањето во германската федерална канцеларија за надворешни работи и Џули Лин Теигланд, регионален менаџер на „Ернст и Јанг“ за Германија, Швајцарија и Австрија.