Мери Попова од Торино: Андреа просто доминираше на сцената, нè очекува импресивно издание на Евросонг

Македонската евровизиска делегација вчера ја имаше својата прва техничка проба на големата сцена во „Пала олимпико“ во Торино, Италија. 

Според тамошните известувачи настапот на нашата Андреа беше, моќен и сугестивен. Задоволството е присутно и кај Мери Попова шефица на македонската делегација и кај малиот, но одбран тим.

-Андреа имаше одличен настап. Со целата нејзина експресивна, сугестивна и сигурна изведба, поддржана од извонредните Ана Петановска и Рената Кралевска во улога на придружни вокали, во стајлинг и  креација на Цаци Паковска, Андреа просто доминираше на сцената, открива Попова која е одушевена и од организацијата на изборот, каде владеат строги мерки поради корона пандемијата. 

- Организаторот RAI одушевува со подготвеноста на секое поле, и во креативна и во техничка смисла, па сето тоа оддава впечаток дека не очекува едно навистина импресивно издание на Евросонг.Иако навидум пандемијата во Европа "згаснува" и ковид мерките насекаде попуштаат, сепак тоа не е случај тука, кога станува збор за организација на еден ваков огромен проект. Задолжителните тестирања на секои 72 часа на сите делегации, задолжителните маски, лимитиран број на членови на тимови, исклучителна рестрикција во бројноста на акредитирани новинари, ви налага чувство на постојана претпазливост. Но, организаторот се труди да го амортизира тоа чувство, со ширење на преубава позитивна енергија, насекаде околу нас – вели Попова.


С.А.Н