1 милион и петстотини илјади за првите три епизоди: Јани Бојаџи за „Бистра вода“
„Бистра вода“ која се емитува на телевизија „Алфа“ во недела, 20 часот, е современа крими драма, мелодрама, трагедија инспирирана од вистински настани. Јани Бојаџи, сценарист и режисер, открива дека целата продукција е изведена на реални, постоечки локации. Освен куќата на Пандоспанџиеви, која е семејниот дом, на академикот Васил Иљоски, сите други локации во серијата се такви какви што се во реалноста.
ЖМ: Како изгледаше снимањето на ТВ серијата Бистра вода? Од идеја до реализација?
- Хм, снимање на нешто толку големо за македонски телевизиски состојби, како што е играна серија од 18 епизоди по речиси еден час должина секоја од нив, изгледа како утопија. Нема друг збор за тоа. Тоа е нешто незамисливо, неразбирливо, нејасно дури ни за зборување, а со тоа и според сите кои не веруваа во нас – и невозможно да се направи! Но, да се надоврзам на вториот дел од прашањето, во врска со патот од идеа до реализација. Е, тој пат е навистина е стрмоглав и не е за оние кои себе си во професијата се доживуваат како некаква елита, како избрани од државата и од општеството да бидат режисери, актери, сценаристи, уметници, а на крајот и филмски творци. Ова не е професија за оние кое себеси се интерпретираат како аристократи во уметноста. Правењето филм, телевизија, визуелна уметност, секаде, ама секаде е тешка, макотрпна и аргатска работа. Ова е професија за работници, за пролетеријат, за оние кои доаѓаат од маргините. Најверојатно само уште во Македонија, од сите бивши комунистички држави со театарот, филмот и телевизијата управуваат и владеат децата и внуците на бивашата комунистичка елита, таканаречената црвена буржоазија и нивните деца и внуци. Тоа е една тотално потрошена категорија на луѓе, во секоја смисла, идејно, образовно, професионално, човечки, кои од страв да не бидат загрозени, не дозволуваат никој надвор од нивниот самозамислен свет да прави што и да е. Тие седумдесет години ги контролираат фондовите на министерстата за култура, образование, наука. Тие ги контролираат фондовите за театар, за филм, за телевизија. Тие управуваат со националната телевизија, па и со најголем дел и од приватните медиуми и телевизии директно, но и индиректно, од позиција на политички и економски центри на моќ! Тие, уметноста ја сметаат, како нешто од некаков нивен, претпоставувам сега северен бог, само за нив дадено, а тие се доживуваат за одбрани да го прават ова. „Бистра вода“ настана од идеја на луѓе кои не припаѓаат на црвената буржоазија. Ова е идеја на луѓе кои живеат за уметноста во себе, а на за себеси во уметноста. Затоа „Бистра вода“ беше и возможно да се направи. Затоа што беше правена со идеја да се создава, да се твори, да се раскаже една приказна, да се создадат некои нови простори на духот, тотално ослободени од стегите на таканаречената елитистичка уметност. „Бистра вода“ е производ на нашата потреба да зборуваме за општи вредности, за општи категории, за приказни кои сите ги знаеме, а се плашиме да ги раскажеме. „Бистра вода“ е тотално скренување кон реализмот и борба против ескапизмот и темите со кои се бави еден затворен круг на луѓе. „Бистра вода“ е приказна за нас. „Бистра вода“ е правена со идеја да ја рефлектираме Македонија и Македонците и нивната реалност во сферата на медиумскиот простор кој не е елитистички. „Бистра вода“ е во сѐ, со сѐ и на секаков начин популарна уметност, ако сакате и народна уметност. „Бистра вода“ е уметност правена за околу 1 милион и петстотини илјади гледачи, колку што ги виделе само премиерите на првите три епизоди! Ете тоа е „Бистра вода“. Можат ли оние кои нѐ негираат да соберат храброст и своите дела, патем финансирани со милиони евра од буџетот на државата, да ги покажат пред милиони Македонци и да се соочат со критиката кон нивните дела од најобични луѓе, гледачи, дома, подготвени сами да носат суд за тоа што го гледаат? Без нарачки од платени критичари, колумнисти, весници, портали, пропаганди, во која е вклучена целата држава, заедно со фондовите на ЕУ и Америка, кои ете, гледаме не штеделе на нив! „Бистра вода“ е храброст, но и лудост на сите тие што ја прават, да можат да се предадат на времето и на реалноста, на судот на обичниот Македонец, дома во недела во 20.00 часот! Ете тоа е „Бистра вода“! Јас, не сум скромен човек. Сите ние што ја правиме „Бистра вода“ сме херои, кои покажуваме дека во време во кое ни забрануваат да постоиме, ние сме се дрзнале да креаираме, да им пркосиме и да им кажеме дека нема да нѐ застанат на патот да создаваме уметност. После премирата во кино, не сакам да го злоупотребам, творецот на современата македонска кинематогарафија ми напиша една порака која многу ми е важна: „Во време кога не дават ниту на тревата мирно да си расте нагоре, вие сте решиле да снимате серија која зборува за ова време!“ За мене ова е доволно да не се самозалажувам дека идeјата, а сега и реализацијта на „Бистра вода“ е идеја сама за себеси, нешто што иако е реалност, сеуште е во светот на неверојатното, на идеалистичкото. Сметам дека „Бистра вода“ е општа идеја. Општо место за светот на уметниците со слобден ум и творечка воља.
ЖМ: На колку локации снимавте, колку денови и каква беше соработката со толку голема екипа на актери?
- „Бистра вода“ е современа крими драма, мелодрама, трагедија, која е снимена не со алатките и во формата на студиската телевизиска продукција, туку според принципите на филмска продукција, секако, буџетски, организациски, продукциски, дизајнерски, визуелно и графички прилогодена на можностите и потребите на телевизијата како краен медиум за дистрибуција на содржината. „Бистра водa“ е снимена по својата форма со инструментите и средствата на филмот, има филмска драматуршка структура, филмски наратив и филмски изразни средства, но сепак на крајот е сублимат на една, дури и за македонски прилики мала и скромна продукција. Од организациски до буџетски средства. Во таа смисла, целата продукција е изведена на реални, постоечки локации. Освен куќата на Пандоспанџиеви, која е семејниот дом, ни повеќе ни помалку на академикот Васил Иљоски, сите други локации во серијата се такви какви што се во реалноста. И, благодарејќи на многу поединци, на фирми, организации и институции, ние можевме да влеземе и да снимаме во адекватни или приближно адекватни локации опишани во ремарките од секоја сцена. Во таа смисла, продукцискиот дизајн, посебно сценографот Гоце Попов, кому сум му бескрајно благодарен, беше исправен пред мисија, како реални локации во кои работат, живеат, се раѓаат и растат реални луѓе, ние да ги претвориме во конзервирана реалност на нашата измислена приказна! Навистина, Гоце и Христина се моите херои, Без нив, овие повеќе од стотина локации низ цела Македонија немаше да бидат место и време на дејствие од „Бистра вода“, туку само простории, куќи и канцеларии. Инаку, серијата е снимена во продукцискиот дел во нешто повеќе од 70 снимачки денови, што е апсолутен продукциски рекорд на сите времиња во Македонија. Ако поделиме 16 часови содржина со 75 денови снимање, доаѓаме до повеќе од 20 минути монтажно време од ден. Ова се навистина стандарди на кои сум горд и кои се надевам дека на следниот проект ќе ги развиваме внатре во ситемот за постигање на поголем продукциски квалитет. Ако сакаме да создадеме индустрија, не уметност, затоа што „Бистра вода“ е ентертејмент, забава, телевизиска индустрија, тогаш мораме да се научиме да работиме во строго ограничени и реални рокови. Продукцијата на „Бистра вода“, и во овој сегмент ги сруши сите автостигми, сите автоетикети дека Македонецот е мрзлив, недисциплиниран, неорганизиран и не знае да испорача време и квалитет. Таа зла идеја создавана за нас, повторно од црвената буржуазија и нивните деца, ние ја срушивме во целост! Извинете, но ние навистина 75 дена ликувавме над нивните заблуди, се смеевме и се радувавме дека сме ги победиле и во пропагандата дека нас не нѐ бива за ништо! Дека ние Македонците не знаеме да направиме ништо свое и ништо вредно! И ова не сум скромен! Постигнавме резултати кои многу тешко ќе можат да им се приближат, да ги помирисаат, а никогаш, тврдам, никогаш нема да реализираат нешто како „Бистра вода“. Никогаш. Дури и со милиони евра. Дури и со поддршка на целата државна инфраструктура. Дури и со сите министерства и влади кои им се на располаѓање. Дури и со сите ЕУ и американски пари и фондови. Шест години имаа апсолутна моќ да прават што сакаат и колку сакаат. Знаете ли што направија? Агенцијата за филм, со државни буџети од пет милјарди евра, ја ставија во 11 милиони евра долгови! Ете тоа е направено во филмот. А во телевизијата ситуацијата е уште полоша.
ЖМ: Ме интересира Вашето мислење во врска со некои лаички мислења дека во Македонија некои актери премногу театарски глумат.
- Конечно, во Македонија да се зборува за актерството како суштина, како центар на светот на уметноста на филмот. Навистина многу се радувам што најпосле може да се зборува за нешто што навистина е најважната работа во уметноста на екранот, а тоа е актерот и актерското присуство во кадарот. Да расчистиме на почетокот со една работа. Изборот на актер е одговорност на режисерот, и само негова. Ако режисерот избере адекватен актер за адекватен карактер и тој актер се претстави со успех, тогаш за тој успех е заслужен само талентот на актерот и самиот актер како личност. Но, ако се случи некој актер да не биде адекватен или успешен, за неговата неадекватност и неуспех секогаш е одговорен само и единствено режисерот! Режисерот е тој што ги избира актерите и негова е целата одговорност ако нешто во врска со актерското поведение или карактеризација не е како што треба! Јас доаѓам од филмска академија каде што актерот е средиште на сѐ. Тој е почеток и крај на нашата уметност. Кога пред три години започнав да предавам филм и телевизија на универзитетот Еуропа Прима, првата работа во која ги воведов студентите во светот на филмот е дека нашето училиште е актеропоцентрично! Актерот и неговото присуство, како актер, но и како човек е најважната состојка на филмот. Без актер во кадарот вие имате само информација. Филм е само кога имате актер кој дејствува по сценарио со дијалог, говор на тело и емоции. Ова е кратката дефиниција за тоа што е филм. Во таа смисла, јас важам за професор, но и за режисер кој потполно, и во секој смисол поаѓа од актерот и проблемот на актерството. За мене, во фазата на предпродукција, во истражувањето, потоа во кастингот, во продложение во процесот на актерски проби, сите мои сили се насочени кон работа со актерот. На сет, за мене, има еден и единствен незаменлив човек – дејствувачкиот актер. Сѐ друго е менливо, почнувајќи од режисерот, па до последниот човек во сервисот на филмот. Но, ајде, да видиме што значи тоа, театарска глума, како што ја нарекуваат, дури и во светот на филмот и филмаџиите? Дури и мои колеги режисери во Македонија, се уште зборуваат за глумци, а не за актери! Знаете, поимот глумец, е поблизок до комедијата дел арте, до преигрувањето, ако сакате до лакрдијаштвото! Така е доживуван актерот и актерството, воопшто во Македонија, како уметност на покажувањето, а не како уметност на дејствувањето. И сега, ајде да ви одговорам на прашањето, иако, ова е толку комплексна тема, која е суштината на целата индустрија во Холивуд, која почива на актерските ѕвезди и актерските училишта кои ги создаваат тие ѕвезди. Тоа е систем кој е доведен до тоа да произведува актери за екран, за на филм, за на играна телевизија. Значи ли тоа дека постои различна форма на актерство? Една форма за театар и сцена, а друга за екран и кадар? Да, секако, постојат разлики, кои не се големи, но се суштествени. Тој проблем во Македонија е настанат заради тоа што во Македонија имало многу малку филмски и телевизиски продукции кадешто актерите можеле да се претстават себеси, да постигнат некои резултати, па да се подобруваат и усовршуваат. А со нив и режисерите. Знаете, оваа професија не се практикува без работа! За да бидете актер, треба да работите како актер. Да бидеме реални, до пред 2008 година, кога беше направена Агенцијата за филм на Македонија, филмот беше на ниво на културен настан, на манифестација, на нешто еднаш во пет – шест години! Сега се променија работите. Но, за кого? Повторно за еден мал и затворен елитистички круг на режисери на црвената буржоазија, кои избираат еден мал и затворен круг на за нив политички и професионално подобни актери, кои ги промовираат во ѕвезди надвор од Македонија, на фестивали во Европа и светот. Ете, кажете ми колку имиња на актери знаете, кои снимаат во македонски филмови, а се познати кај пошироката публика во Македонија? Ќе се сетите, на две-три имиња, не повеќе, гарантирам! Зошто? Ете, токму затоа што станува збор за затворен круг, во кој актерите немаат можност да покажат што знаат, да се проверат од филм во филм и заедно во соработка со режисерите да се подобруваат и усовршуваат во вештината на играње пред камера, во кадар, во филм, на голем или на мал екран, сеедно. И сега, одеднаш, во „Бистра вода“, вие ќе видите 70 актери! 70 актери, од кои многумина со прво или со многу мало искуство на екран, а со тоа и со можности да се усовршуваат. Го знаете ли првиот или вториот филм на Бред Пит како актер? Или на Жулиет Бинош? Или на Роберт Де Ниро или пак на Мерил Стрип? Не барам оправдување за лоша актерска изведба, не барам алиби за ништо, само сакам да го посочам проблемот во неговите причини. Секако, дека формалното образование по актерска игра на двата македонски драмски универзитети, треба под итно да се прилагоди на потребите на актерството за филм, за екран, за игра пред камера, затоа што светот на телевизиската индустрија во Македонија мора да се развива во правец на производство на играна содржина. Ние мора да фатиме чекор со Балканот и да почнеме да произведуваме играни серии, сапуници, мелодрами, ситкоми, телевизиски филмови, други играни содржини, а тоа е невозможно без актери кои поседуваат знаења и вештини за игра пред камера. Да не се лажеме, идентификацијата на публиката секогаш е со актерите, со нивните лица и нивното дејствување во карактерите што ги изведуваат. Кому од обичниот гледач му е гајле кој е режисер или сценарист? Тоа се фактите. Актерите се почеток и крај на светот на визуелната уметност. Ова тема во „Бистра вода“ беше отворена на првиот ден кога се собравме на првата актерска проба на маса. И посветено ја развиваме до последниот ден снимање. Убеден сум дека „Бистра вода“ ќе потврди многу големи докажани актерски имиња, но и ќе роди нови, ама навистина, верувајте ми, вистински актерски ѕвезди со светски потенцијал. Но, нема секој квалитети да се подобрува од ден за ден. Тоа се ретки актери. Затоа треба да им овозовможиме на актерите, но и на режисерите да снимаат на телевизија, разни играни форми и така да се усовршуваат. Најспосле, филмот е применета уметност. Мора да се примени технологија за да се создаде уметност. Ако актерите немаат можност, низ практична работа да ја применуваат таа технологија, тогаш што може да бараме и да очекуваме од нив? Но, што да се очекува и од режисери, кои снимаат филмови еднаш во четири-пет години? Што да бареме и да очекуваме од нив? Затоа, одговорот на ова прашање е во создавање на телевизиска индистрија во Македонија, која со „невидливата рака на Адамс“ ќе ги раши и овие, сепак проблеми на капитализмот, кои почиваат на борбата за опстанок и напредок.
ЖМ: Беше ли тешко без средства од државата да се снима толкав проект?
- Не беше тешко. Беше задоволство. Сепак ние ја победивме државата! Кажете ми на кој му успеало во овие шест години на оваа власт и оваа држава да им начука осумнаесет голови во мрежата? Натпреварот „Бистра вода“ – „Влада на Северна Македонија“ е со резултат од 18 спрема нула за „Бистра вода“. Да бидам и овде нескоремен, можевме да им бапнеме барем уште еден гол, или уште два, па да заокружиме на 20 спрема нула! Но, не е сѐ завршено. Ако имаме продолжение од десетина минути, зошто да не? Публикатa е со нас, ужива додека на Владата ѝ ја полниме мрежата секоја недела! Ако не за друго, бар за атер на публиката, може да се стегнеме и да ветиме и една 19 епизода на „Бистра вода“. Нашата публика ова го заслужува!
ЖМ: Зошто спонзорите во Македонија не сакаат да дадат пари за снимање на ТВ серии, за разлика од Србија и другите земји на Балканот?
- Мора да бидеме искрени, зошто не се прашаме ние филмаџиите, со што сме заслужиле некој да вложи во нас, што и да е, а не пак пари? Србија е добар пример. Србија е совршен пример. Во 1999 година Србија беше три месеци бомбардирана од најголемата воена сила на светот, од НАТО. И филмаџиите во Србија не се сокрија, туку снимаа филмови. Нашите колеги во Србија си ја делеа судбината на својот народ. Снимаа и создаваа уметност и во најтешките времиња за земјата и за народот. И тој народ, тие уметници ги препознаваа и идентификуваа како свои херои, како своја еманација. Публиката, актерите и уметниците на филмот во Србија ги дефинира како национално богатство. Ајде, сега да направиме каква и да е паралела со Македонија? Што направивме ние за публиката? Ништо. Што направивме за македонските компании, за македонските брендови, за македонските бизниси да ги еманираме во својата уметност, во себе си, и да ги претставиме како вредност дома, пред сопствената публика и секако на крајот во странство, пред светот, и така нивните производи и бизниси да ги еманираме како релевантни? Што направиле филмаџиите во Македонија за тоа? Оние, кои имаа поддршка од општеството, од државата, па и од некои добронамерни компании и бизнисмени, не направија ништо. Затоа, мислам дека треба да тргнеме од себеси и прво ние да покажеме дека знаеме и умееме, а потоа да ја бараме поддршката и довербата на бизнисот и бизнисментите. Но, за среќа „Бистра вода“ и во овој сегмент е 100% успешен проект. „Бистра вода“ во целост е финансирана од бизнис заедницата. Не можам да се сетам некоја компанија да нѐ одби за услуга. Немаше таква, сите помагаа, кој колку можеше. Сега е ред на нас. Затоа „Бистра вода“ мора да успее. Ако успее `„Бистра вода“, ќе успее и идејата дека можеме и знаеме да создадеме додадена општествена и економска вредност. И тогаш, убеден сум, бизнисот ќе ја препознае својата можност и за сопствени придобивки и секако, за создавање на капитал, оти ние на денот кога ќе изградиме индустрија во светот на медиумите, дури тогаш можеме да кажеме дека сме капиталистичка држава, во која претприемништвото и каптиталот го движат напред општеството, а со тоа и нацијата. Нема создавање на нација без создавање на либерален капитализам. А медиумската индустрија е гарант за постоење на либерален свет и македонска нација која може да се самоиздржува материјално и духовно, без да биде во постојана животна зависност од туѓи интереси.
ЖМ: Има ли шанси „Бистра вода“ да биде почеток за развој на една квалитетна телевизиска продукција во Македонија?
- О, да, секако. Шансите се тука. Се надевам дека ќе ги искористиме. Овој пат од нас зависи. Само од нас. Од никој друг. Ние сме на чисто дека на државата не можеме и не смееме да сметаме. Треба да се фокусираме на сопствените знаења и вештини. Но, нема да има развој на телевизиската индустрија доколку час поското оваа сфера не се уреди законски, по примерот на тоа како е уреден прајм тајмот на националните телевизии насекаде во Европа. Од Скандинавија на север па сѐ до Грција на југ. Нема тука филозофија. Потребно е да се донесат законски измени со кои ќе се направи нова регулација на пазарот и секако намалување на бројот на национални приватни телевизии и создавање на систем на иницијално државно финансирање на програмите од национален интерес, со ситемски измени на пазарот на маркетинг и адвертајзинг. На крајот и либерализација на содржините и производите за рекламирање на програмите на националните телевизии. Со определени државни субвенции, пазарот треба да се крене на над 50 милиони евра, со што ќе се обезбеди продукција на играни, забавни, вариететни, музички, натпреварувачки, детстки, младински и други специјализирани содржини од македонско производство. Дел од овие системски измени мора да биде и МРТ, која не може да функционира со толку мал број на вработени и со толку мал буџет. Ова се лаги, дека имаме јавна телевизија со ваква структура, број и квалификувани вработени и програмски можности. Да не заборавиме, ние сме единствена држава во Европа што ја укина таксата за радиодифузија и си го ископа гробот на зависност од буџетот на Владата. И ова мора да го решиме. Со добар систем на мониторинг, за пет години може да се случи тотална ренесанса во македонската телевизиска индустрија. Потребни се само луѓе што знаат и што не се плашат од политички и економски центри на моќ во земјата и во странство, кои сакаат Македонија да остане вечен темен медиумски вилает.
СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА