14.000 ЕВРА НАГРАДЕН ФОНД НА „МАКФЕСТ“, ПРОМЕНИ И ВО ГЛАСАЊЕТО

Добивај вести на Viber

Ѓоко Танески, Антонија Гиговска, Дани, Александар Тарабунов, Димитар Андоновски и Наташа Малинкова се дел од изведувачите кои ќе се натпреваруваат на годинашното 33-то издание на „Макфест“ закажано на 4, 5 и 6 октомври во Штип. Новиот уметнички директор на фестивалот, Владимир Дојчиновски, најави дека годинава ќе се пее само на македонски јазик и нема да има гости од странство како изминатите две изданија. Промени има и во гласањето. Овојпат за победникот ќе одлучуваат две жири-комисии, медиумско и стручно, во комбинација со гласовите на публиката во Домот на културата.

Ланските победници Зоран Илиев и Анабела Атијас

Годинашниот награден фонд е 14.000 евра. Авторите и изведувачите на победничкиот рефрен ќе си поделат 5.000 евра, второпласираниот тим ќе добие 4.000 евра, а третопласираниот 3.000 евра. По 500 евра се предвидени и за најдобриот дебитант, текстописец, аранжер и за интерпретаторот со највпечатлив сценски настап.

На една од прес-конференциите, докажаниот музичар и автор Џина Папас-Џокси ќе промовира видеоспот, а на финалната вечер свое шоу ќе има Дарио. Домаќин на фестивалот ќе биде Марјана Станојковска, а сите три вечери ќе ги пренесува националниот сервис.

Ѓ.С.