Абортирав на 19 години: Александра го сподели своето искуство и апелира да прекинат други да одлучуваат за женското тело

Полскиот Уставен суд во четвртокот донесе одлука дека абортусот поради аномалии на фетусот е неуставен, со што ја забрани најчестата од неколку законски основи за прекинување на бременоста во Полска.

Кога пресудата ќе стапи во сила, абортусот во Полска ќе биде дозволен единствено во случај на силување, инцест или поради закана за здравјето и животот на мајката, што претходните години беше причина за висок процент на нелегални прекинувања на бременоста во Полска.

Деновиве во Полска избиваат протести против новиот закон, голем дел од светската јавност бурно реагираше на веста за скоро целосната забрана за абортус во таа земја, што јасно покажува дека дискусијата на таа тема не е завршена. 

Забраната за абортус во Полска предизвика бурни реакции и во земјите во регионот, а Александра Дуенде од Србија реши да го сподели своето искуство и да им испрати порака на сите што мислат дека можат да „одлучуваат за женското тело како да се кукли“.

„Кога ќе ставиме крај други луѓе да одлучат за женското тело како да се кукли? Деновиве читаме наслови за „далечна“ земја каде што абортусите се забранети. Ние реагираме на еден или друг начин и мислиме дека тоа не влијае на нас. Можеби тој закон во моментов не е на сила во нашата земја (што не значи дека нема да биде некогаш), но што е со моралните забрани и табу темите? “, прашува Александра Дуенде, диџеј и дизајнерка.

Своето искуство го сподели на социјалните мрежи со порака до сите девојки, жени, кои се соочуваат со мрачни мисли за абортус, но и до оние кои сè уште не разбираат дека оваа одлука е право на жената.

„Јас сум една од оние жени која помина низ тоа на 19-годишна возраст. Можеби сум една од ретките што не го криеја тоа од моите родители и ја имав целосната поддршка од нив. Не можам да замислам како би било кога би требало да минувам низ тоа сама, како што е случај со многу жени и девојки. Абортусот не е нешто за што зборувате со вашите пријатели на кафе, нели? А можеби треба. Можеби во животот никогаш не би се запрашале дали сте лоша личност поради тоа, но можеби никогаш не требаше да бидете сами во сето тоа. И на секое живо суштество што мисли дека може да одлучи нешто за туѓ живот и да суди за истиот, им предлагам да одат на терапија и да престанат да ги повредуваат другите луѓе“, вели Александра Дуенде.


Инаку во Македонија во 2013 година беше донесен рестриктивниот закон за абортус, кој низ годините беше доста критикуван од јавноста. Минатата година, во 2019 година беше усвоен закон со кој се остварува правото на жената за безбеден прекин на бременоста и укинување на административни процедури - бариери кои го одолговлекуваа спроведувањето на постапката за прекин на бременоста. Со ова волјата на жената се става на прво место.

насловна фотографија од протести во Полска: theguardian.com/Wiktor Dąbkowski/ZUMA Wire/REX/Shutterstock