Без разлика дали е празник или концерт, ручек дома мора да имам: Новогодишно со Каролина Гочева
Со голема леснотија, Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски ги завршија петте концерти во Филхармонија, како да е еден подолг настап, а не концертен маратон. Овој маратон ќе се заокружи со уште два концерти на 2 и на 3 јануари во Националната опера и балет. Избраните песни на Шпато, Бранѓолица, Масевски и Бојаџиев како да се пишувани токму за гласот на Каролина. И самата таа, посебно емотивно ги доживува додека ги пее, а за песната „За нас почнува живот“, вели дека приватно ѝ е многу значајна. Целиот албум, „Песни за копнеж и љубов“ во неа буди чувства за кои не ни била свесна дека тлеат во неа. За нејзините претконцертни ритуали, за тоа што ѝ ја обележа оваа година и за желбите за следната, Каролина зборува за Женски магазин. На 31 декември, на МТВ 1 од 21 часот, ќе проследиме нејзино специјално новогодишно шоу со неколку гости.
* На социјалните мрежи напишавте дека изминатиот викенд ви поминал како на сон. Како изгледаше твоето секојдневие во тие три дена, кога знаеше дека треба да испееш пет концерта?
- Навистина ни помина како сон… тоа што изгледаше како сериозен предизвик, 5 концерти за 3 дена, го поминавме со некоја неверојатна леснотија од првиот концерт до последниот. Секојдневието како и пред секој настап или концерт ми е дома - проба - дома - концерт. Особено што овојпат свиревме сред сезона на настинки и грипови па внимавав повеќе од вообичаено.
* Имаш ли ритуал пред толку специфични настапи, или општо пред настапи, успеваш ли да се одмориш и како успеваш да го одржиш гласот во форма?
- Немам посебен ритуал ама одмарам, гледам убаво да се наспијам и тоа мислам дека е и најважно и од мое, а и од искуствата што сме ги споделувале со колегите… избегнувам и некои други работи за кои сум забележала дека ми пречат, деновите пред концерти се трудам да не зборувам гласно, избегнувам зачадени простории, не пијам газирано, не јадам луто. (се смее)
* За песната „За нас почнува живот“, рече дека ти е многу значајна приватно, дека ти буди убави спомени. Можеш ли да се сетиш, кога за првпат ја слушна, зошто ти е лично толку значајна?
- Ја слушнав првпат пред неколку години, не се ни сеќавам во која прилика точно, но ми остави силен впечаток и точно, покасно обележа и некои мои значајни моменти. Со неа на некој начин и се отвори и идејата за албумов.
* На првиот концерт рече дека за време на пробите, со Дуке и Исмаил сте „подголтнувале“, емотивно дожививајќи ги изведбите на песните. Секој од публиката, како да си ја наоѓа својата песна за ослободување на емоциите и по некоја солза. Кои беа твоите?
- Целиот албум кога го слушам ми буди некоја меланхолија, некои чувства за кои не сум ни била свесна дека тлеат во мене во тој момент. Затоа и кога требаше да се именува не сакавме да биде насловен по песна, туку сакавме некако да го доловиме чувството кое ни го буди додека го слушаме и изведуваме. Така дојдовме до копнеж и љубов. Што се однесува пак до песните, „На овој ден” и „Ни на на”… исто и „Празно е” кога и повторно да ја изведувам се чувствувам како вистински да ја доживувам…
* Што е она што е убаво од оваа година, и засекогаш ќе го паметиш, и има ли нешто што би го заборавила и не сакаш никогаш да се повтори?
- Како и секоја година има и едно и друго. Главно сметам дека беше убава, само што многу брзо пролета, некако побрзо од претходните, а и убаво ми завршува… имав доста моменти за паметење професионално, почнувајќи од концертот летово на стадионот на АРМ, па до последниве концерти… па ќе ја заокружам во сеќавањето како една сосем пристојно убава година.
* Каде ќе бидете за Нова година, ќе имаш ли време да подготвиш некое домашно јадење, традиционално или твој специјалитет?
- Ќе бидеме заедно со Дуке и наше заедничко друштво, па веднаш после тоа се спремаме за уште двата концерта на 3 и 4 јануари кои ни претстојат. Не знам дали за вечерта ќе подготвам нешто, што секако не би било никаков проблем затоа што готвам секојдневно, без разлика дали е празник, концерт….ручек дома мора да имам! И супа! (се смее)
* Освен здравје и среќа за најблиските, имаш ли новогодишна желба која ти е лично значајна и очекуваш да ти се оствари?
- Имам секако… па што би бил човекот без желби… но, последниве години сите некако повторуваме дека само здравјето е најважно и посакууваме само тоа да не служи нас и нашите блиски… и мислам дека сите сфативме дека не постои желба која може да е над тоа.
* Скопскиот концертен маратон се заокружува со уште два концерти во Националната опера и балет. Кога почнувате со пробите, и планираш ли одмор по овој интензивен концертен распоред?
- Веднаш после Нова година продолжуваме со проби иако мислам дека веќе и во сон можеме да ги изведеме песните без грешка.
По завршувањето на последните два концерта краток одмор околу Божиќните празници, секако во Битола, па после тоа се подготвувам за настапот на MAC наградите во Белград на крајот на јануари.
Милица Џаровска
Фото: Стефан Рајхл