Биљана и Орце Димитровски (Арија) : Холандија е земјата која ја избравме поради нашите деца

Добивај вести на Viber

Веќе седум години, музичарот Орце Димитровски, познат како гитарист и вокал на групата „Арија“ со сопругата Биљна и со двете ќерки живее во Амстердам. Биљана и Орце со десетгодишната Бјанка и три ипол годишната Каиа во моментов се на одмор во Охрид, како нивна летна традиција. Орце искрено зборува за својот „двоен“ живот додека бил член на групата Арија, навечер музичар, а преку ден компјутерски инженер, а Биљана за нејзината возбудлива работа која ѝ помогнала да запознае светски ѕвезди како на пример Џиџи Хадид соработуваќи меѓудругите и за познати модни компании. Биљна и Орце за Женски магазин ја споделија целата нивна македонско-холандска приказна, не испуштајќи ниту еден интересен детаљ. 

* Кога точно решивте дека ќе се преселите во Холандија, која е главната причина што се решивте на овој чекор?

- Отсекогаш и двајцата бевме поборници за живот надвор од Македонија, а при тоа сакавме да останеме во Европа, на стариот континент. Одлучувачкиот момент најверојатно се случи кога се роди нашата прва керќа, бевме веќе 3 години во брак, и сфативме дека преселбата е неминовно нешто доколку сакаме нашето дете (деца) да расте во средина во која ние посакувавме.

* Живеете во Амстердам, што е за нас Македонците, и општо луѓето од регионот најубавото во живеењето во овој град?

- Дефинитивно архитектурата, високите тесни куќички, како и слободата и едноставноста на овој град кој го прават уникатен сам по себе. Секако и безбројните канали, на кои можете да видите и бродчиња-куќи каде што луѓето живеат.

* Орце, те знаеме како дипломиран музичар, беше дел од познатата група „Арија“, ти беше ли тешко да се откажеш од музиката како професионална определба?

- Секако дека да, сè повеќе ми фали дружбата со гитарата и музиката. Животот на “сцена“,  убавите дружби, песната, снимањата , патувањата и сите убави (и помалку убави спомени) се неодвоив дел од мене.  Од друга страна пак, иако на публиката непознато, оние што ме познаваат знаат дека мојата љубов спрема информатиката и компјутерите потекнува од мали нозе, од времето на мојата прва “Амига“, “Атари“, “Комодоре“ купени во исто време со мојата прва гитара, малата хармоника и тарабука дома. Се сеќавам како вчера на книжарата “Култура“ пред влезот на нижото музичко училиште каде што ги купив првите книги за “Бејзик“ правејќи мали шеги за моите маалски другари како сме ја хакнале НАСА, хахаха. После долго живеење двоен живот, дење Орце од „Касис“, „Мелон“, „Еконет“, „Стопанска Банка“ ,„3ХР“, (морам да ги поздравам, многу ми фалат) и ноќе Орце од „Арија“ (не ми фалат толку многу оти се гледаме и дружиме често), решивме заедно со Биљана да имаме повеќе време за нашата, тогаш единствена и мала Бјанка, сега 10 годишна татина маза заедно со, уште малку 4 годишната татина и мамина маза Каиа. Решението беше тато да престане со двојниот живот и да спие кога сите спијат за да има сила и време. Изборот беше направен. Назад на прашањето, тешко, беше многу тешко.

* Што точно работиш сега (Орце), тешко ли е за еден музичар кој бил навикнат на поинаков биоритам да се прилагоди на канцелариско работење и на сосема нова професија?

- Навикнувањето не беше тешко затоа што одамна ја имав рутината на “канцелариското“ работење, раното станување (јас го сакам утрото и раното станување).

Мојата кариера ме однесе од мрежен и систем инженер, техничка поддршка и инженер за ескалации во Palo Alto Networks, до  мојата сегашна позиција како консултант за Technical Customer Success Manager во Netskope. Да поедноставам, се грижам за техничкото водење и консалтинг на неколку од нашите најголеми корисници.

* Биљана, ти си економист, беше вработена во ЕВН пред да си заминеш од Македонија, што работиш во Холандија?

- По првите чекори во Controlling  во ЕВН, во Холандија продолжив да работам во слична насока,  Business Controlling. Мојата професионална кариера во Холандија започна во комапнијата) PVH (Calvin Klein & Tommy Hilfiger) каде за прв пат вистински почувствував што е да се биде одговорен за иднината на една компанија, и каде прво што научив е дека имам уште многу да учам. Стандардите, квалитетот во работењето и одговорноста на работното место во Холандија е на сосема поинакво ниво кое бараше дополнителни напори за усовршување и надоградба. Секако искусив и многу интересени и убави моменти, соработував и работев со познати светски амбасадори на брендот и имав можност да присуствувам на убави настани организирани од компанијата.

Сето тоа искуство и надоградување ми помогна да стигнам на мојата сегашна позиција, каде го водам Бизнис контролинг тимот, со кој заедно одлучиваме за стратегиите и иднината на компанијата. И да, во Холандија е многу нормално, па дури и очекувано да менувате работа/компанија на секои 2-3 години, бидејќи понудата на работа е голема, а е докажано и дека е најдобриот начин на проширување на хоризонтите на професионалното знаење.


* Дали по периодот на пандемијата се вративте во вашите фирми или продолживте со онлајн работење од дома, како ви е полесно со оглед на тоа дека имате и семејни обврски со ќерките?

- Сè уште работиме онлајн, комапниите оставаат на вработените да одлучат каде најсигурно се чувствуваат да ги извршуваат своите обврски. Ова е пред сè можно бидејќи нашите професинални ангажмани се целосно изводливи онлајн, па можеме да ја реализираме секоја задача од било кое место во светот. Тоа ни помогна да можеме и почесто да доаѓаме во Македонија.

Ако нешто добро излезе од целата ситуација со пандемијата со сигурност е тоа што конечно успеавме да ги гледаме почесто нашите деца и да бидеме поприсутни во нивните секојдневни обврски. Можеби поради таа флексибилност мораме да доработуваме и во доцните часови, но поминатото време со децата е непроценливо и затоа се трудиме да им го посветиме секој слободен момент на нив.

* Колку години имаат Каиа и Бјанка, го знаат ли македонскиот јазик, како зборувате дома?

- Бјанка  е постарата ќерка која има 10 години. Таа оди во училиште, ја заврши 6-тата група. Обожава да спортува, вежба неколку спортови, а најактивна е во хокеј на трева кој е еден од најпопуларните спортови во Холандија.

Каиа е 3.5 години и за половина година ќе тргне на училиште. Децата тука поцнуваат на 4 годишна возраст со училисните обврски, до кога се оцекува да бидат самостојни. Како и секое дете, обожава да прави сè што прави нејзината постара сестра, и е бајаги темпераментна, но затоа со неа нема здодевен момент.

Бјанка разбира и зборува македонски бидејки имаше поинтензивен контакт со нејзините баби и дедовци. За жал, поради короната, Каиа непосредно почна поинтензивно да се дружи со нив и сега почнува да учи по некој збор. Се надеваме дека зачестеното изложување на македоскиот јазик овој период ќе ѝ помогне брзо да го научи.

Дома најчесто се зборува холандски, пред сè поради децата, но и поради фактот што мораме и ние некаде да го усовршуваме јазикот, бидејќи на работните места и двајцата зборуваме исклучиво англиски.

* Се дружите ли со нашиинците таму, има ли време и простор за такви активности, и каде најчесто шетате?

- Имаме пријатели нашинци со кои се дружиме во секоја можна прилика. Се обидуваме да ги негуваме тие пријателства, бидејќи како што велат - во странтво пријателите се фамилијата.

Каде најчесто шетаме? Најчесто одиме во природа, возиме велосипед или правиме пикник. Секако, со деца неизбежни се прошетките и посетети на детските забавни паркови и познатите „палачинкари“ покрај мали фарми каде што децата можат да ги хранат животните.

* Ако треба да изберете едно најдобро и едно најлошо нешто од живеењето во Холандија, кое би било?

- Ја обожавам едноставноста на луѓето, пиењето на кафе во природа наместо во кафе барови, во наједноставна облека, без шминка и без никакви предрасуди од околината. Пробувам да се сетам на нешто лошо во живеењето во Холандија и веројатно единственото нешто што би го издвоила е непристапноста до здравствените работници - специјалисти.

* Истото за Македонија...

- Најдоброто нешто се секако нашите фамилии и пријатели кои го правеа животот во Македонија многу поубав. Комуницирањето на мајчиниот јазик е исто така огромна благодет која за жал во странство не можеме често да ја почувствуваме.

Кога би зборувала за најлошо несшто од живеењето во Македонија, веројатно би допрела чувствителни теми, затоа можеби би го издвоила квалитетот на воздухот кој всушност беше и најголемата причина поради која решивме да ја напуштиме татковината.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива