Благој Веселинов: Вие, луѓето, пак ќе си бидете луѓе
Домашното видео што ни го испрати Благој Веселинов е всушност негова поезија, напишана пред некои 6-7 години, момент на создавање што никогаш потоа не му се повторил, но кој потврдува, и во неговиот случај, дека еден талент никогаш не останува сам. Неговиот актерски талент, пак, последнава година, покрај забележителните театарски улоги и по одличното портретирање на главниот јунак Веле во многу популарниот филм „Исцелител“, му ја донесе и европската награда Актер во подем на Берлинскиот филмски фестивал. А, потоа за неполна година избувна пандемијата што ги запре глобално сите филмски процеси – за сите актери, и за тие во подем.
-Не го сметам тоа како некоја лоша среќа. Сфатив дека трпението и вложувањето во себе и во професијата е единственото што дава резултат – вели Благоја.
Како го минува ова време на севкупна хибернација?
-Не можам ни да се сетам што сме правеле
во претходната наша нормалност пред пандемијата. Чудно е што сме, здрави и
прави, пикнати дома без да дадеме некаков придонес кон целата оваа ситуација.
Можевме во најмала рака да снимиме препораки или кратки филмови за мерките за
заштита и да бидеме корисни во оваа криза – вели Благој.
Неговата дефиниција за актерството е длабоко промислена и богата со нијанси.
-За некоја година ќе стане јасно што е модерно актерство на 21 век, што значи да останеш проповедник на љубовта и соништата и да се оттргнеш од манипилацијата на политиката. Можеби ќе станеме посвесни во професијата – дека сме го запоставиле сонот и дека манипулираме со одобрена вистина – вели тој.
А, постпандемиски, кога се ова ќе заврши, промена во театарот и во луѓето секако ќе има.
-Промена ќе се случи, но нема да биде колективна и универзална, туку лична. А, за нас, актерите, секогаш сум мислел дека ништо не може да и наштети на професијата колку самите актери. Ние сме тие што ја правиме промената, добра или лоша, промената е во нас. Ќе видиме Колку ќе успееме да ги сочуваме соништата. А, театарот ќе опстои. Човечката драма е дел од нашето секојдневие – вели Благоја, мистериозно додавајќи „Ќе видиме што ќе донесе новото време“.
Јасна Франговска