Блогерката Елена Грнчарова: Имав две патолошки бремености, ќерките ми се инспирација

Добивај вести на Viber

Блогерката Елена Грнчарова има 26 години, родена е во Струмица, а моментално живее во Битола. Често се сели и има повеќе резиденции зависи каде игра сопругот, фудбалерот Благоја Љамчевски. 

Потекнува од многу познато спортско семејство, но таа е единствениот исклучок, кој тргнал по своите соништа за модата, па моментално е една од најактивните блогерки во нашата земја, со над 38 илјади следбеници на Инстаграм.

Елена ја раскажа својата животна сторија, искрено за Женски Магазин.

* Како започна твојата приказна со блогерството? 

- Сè започна пред точно 5 години. По професија сум моден дизајнер, тоа го сакав отсекогаш, тоа и го завршив. Во меѓувреме отворив блог каде ја споделував целата моја љубов кон модата и инспирациите кои ги добивав од списанијата. Голем беше ризикот меѓу работата која ме чекаше како дизајнер и виртуалниот свет. Во блогерството се вложува премногу, а се добива премалку. Долг е патот кон тоа што сакаме да го достигнеме. Се сеќавам дека на почеток имав многу малку посети на сајтот. Но продолжив да сликам и пишувам на блогот. По некое време се случи тотален пресврт, блогот почна да има до 10.000 кликови, а најпосле и до 50.000. Ова е работа од моите соништа и ја имам таа слобода да секој ден ја живеам љубовта кон модата. Го почитувам секој стил и сакам промени. Популарноста на блогот ми започна со брендот „BALR“, тогаш почнав да бидам интересна и на други брендови. Па целата работа ја префрлив на Инстаграм, каде станав Инстаграм инфлуенсер. Така накратко започна сè. 

* Дали блогерството може да биде професија од која се заработува за живот, во нашата земја?

- Апсолутно да! Можам да кажам дека почетокот е многу тежок, затоа што вложуваш премногу, а за возврат добиваш многу малку. Уште и ако планираш да отвориш блог за да заработуваш, овде тврдам дека патот до заработувачка е многу потежок и побавен. Според мене впуштањето во овие води не е лесно и треба трпение и упорност. Размислете убаво во кој правец сакате да ви оди вашата кариера. Ништо вредно не успева преку ден. 

* Со кои брендови соработуваш? Има ли некој кој ти е посебно драг?

- Соработувам со повеќе fashion and beauty глобални брендови како „Pretty Little Thing“, „BALR“, „Glam Glow“, „Express“, „Alexandre Birman“, „Drunk Elephant“ и секако најдрага ми е „retail“ компанијата „Revolve“, за што сум прегорда и ми е преубаво со нивата доделена титула како еден од нивните амбасадори. Инаку „Revolve“ соработува со најврвните брендови и модни куќи предводени од најпознатите дизајнери кои нивните дизајни ги претставуваат токму модните блогерки. Исто така сум горда на лојалноста со истите луксузни брендови кои што после завршените се враќаат по уште соработки. 

* Како се снаоѓаш како мајка блогерка, колку ги вклучуваш твоите ќерки во работата?

- Моите две ќеркички се со многу мала разлика, а имав и тешки бремености. Со Никол од самиот старт ми констатираа патолошка бременост поради тоа што често имав крварења и компликации. За жал не издржавме до деветтиот месец, па се породив во осми месец, здраво бебе, но тежеше 1кг и 500грама, и беше скоро месец дена во инкубатор. Вечно благодарна сум до тимот на „Аџибадем Систина“ кои се грижеа феноменално за нас. Со Каја исто така имав патолошка бременост од почеток на седмиот месец до крајот, многу често ми се случуваа крварења, но за среќа крајот беше најсреќен. Минато зад нас, сеќавањата остануваат, но сега ми е супер. Сега живеам за нив и се моја најголема мотивација. Имам голема поддршка од целата фамилија и секако дека често се случува да добијам мејл од детски бренд за соработка каде што заедно правиме контекст за креативен и интересен проект.

* Во денешно време секој кој има Интернет може да стане блогер, така во Македонија имаме многу млади девојки кои пробуваат да се блогерки. Што мислиш ти за нив, што би им порачала, советувала?

- Имаме многу талентирани луѓе во Македонија, затоа сметам дека успехот надвор од неа е повеќе од возможен. Најважно според мене е да се има свој став и насока, да не прифаќате било каква соработка за пари доколку градите кариера, бидејќи тогаш се губи карактерот и довербата од својата публика. Живееме во земја каде што повеќе од луѓето не знаат што е тоа блогер или инфлуенсер. А оние што знаат најчесто не осудуваат со најстроги критики, говор на омраза, сме мета на голем потсмев итн. Јасно е дека е невозможно секому да му се допаднеме и секој има право на свое мислење бидејќи ова е јавна работа, и секогаш ми било убаво кога некој директно ми пишува, макар да е тоа негативно или некој совет за нешто да променам и слично. Но сметам дека на одредени сајтови се шири непотребна омраза кон оваа професија. Благодарна сум на оваа работа што со тек на време ме научи целосно да ги игнорирам хејт коментарите од анонимни луѓе кои немаат граници. Би им препорачала на сите од овој сектор да уживаат во овој свет на блогерството каде што нема граници! Бидете свои, не мора да се трудите да бидете како Camila, Tamara, Ana Johnson, Olivia, Aimee Song и други. Секој е добар и успешен на свој начин, колку се тешки вашите чевли со кои чекорите само вие знаете. Патувајте, сакајте, бидете храбри, тоа сигурно ќе ве донесе до успех и само успех.

* Најавувате интервју со светскиот магазин „People“. Како дојде до таа соработка?

- Мојот менаџер е повторно заслужен за ова, тој стапи во контакт со нив пред извесен период, поточно со еден од главните уредници на списанието кој беше фасциниран од мојата работна историја бидејќи овој магазин покрај се, се занимава со пишување на инспиративни приказни за нешто невообичаено. Јас веќе подолг период освен што се занимавам со мода, сум поддржувач на жените кои се во борба со рак на дојка. Сум вклучена во една од најдобрите светски организации „ReThinkBreastCancer“ и секогаш донирам, советувам, помагам, и сум вклучена во многу кампањи со кои помагаме на премногу жени низ цел свет со финансии и совети. Организацијата е прекрасна и сум пресреќна што сум дел од тоа. Ќе бидете први што ќе дознаете кога сето ова ќе биде готово со магазинот. 

* Дали оваа криза и паника од коронавирусот ги намали твоите соработки со спонзорите? 

- Како и целиот свет така и оваа работа зависи од целата моментална ситуација. Имам доста соработки довршени и недовршени кои ќе ги реализирам набрзо.

* Како се снаоѓаш со домашната изолација, како се забавувате со ќерките? 

- Филмови, музика, играње во двор... Се чека кога повторно ќе си ја добиеме слободата назад.

* Што те научи седењето дома?

- Нема ништо поубаво од тоа да го поминеш денот со фамилијата и оние кои ти значат во животот. 

* Мото кое те води низ животот.

- Никогаш не кажувај сè што знаеш, но секогаш биди сигурен во она што го кажуваш.

Д.Караташова