Чек да брцнам во ташнава: Како спијат овие луѓе кои крадат и лажат?!

Добивај вести на Viber

Секој ден по неколку пати, да не речам по сто пати, ќе ми пролета  мисла низ глава за децава. За нашиве деца. Преку моето и за сите други. Оти одамна ми е расчленета темата дека горе-доле, цел свет има исти или многу слични грижи. Сум го видела ова на терен. Оти секогаш кога сум патувала, освен ајфелови кули и мостови на воздишки или разно разни морски длабочини и планински висини, секогаш сум сакала да ѕиркам и по човечките длабочини и широчини. Отсекогаш сум си мислела дека планетарните димезии се во минијатура спакувани и во човековата душа. Дека и таму има, што викаше баба ми „угоре високо, удолу длабоко“. Така што проверена ми е темава. Не зборувам на памет. „Факат“, дека голема енигма ми се брзиве-новокомпонирани-итри богаташи и дека со сиот свој природно, од Бога даден дектерски потенцијал, не можам да им влезам во трага, сакам да речам, не знам дали и тие за исто се секираат, плачат и трескаат од земја, како и ние „обичниве“, што немаме  „петља“, да крадеме и лажеме!?... ама секој пат кога се обидувам да стасам до коренот на нивниот коров, толку многу ми се слошува, ама вистински ми се слошува, (качувам притисок, имам тахикардија, понекогаш и вртоглавица, оти бесот и гневот, како предуслови за вакви манифестации, ми се качуваат до максимум), така што за да си го зачувам зравјето и мирот се откажувам од „истражувачкото новинарство“ на тема „како спијат овие луѓе кои крадат и лажат“!? И не само како спијат, туку и како јадат, а да не се засркнат и удават, како водат љубов, а де не им падне моментално ерекцијата, како пазарат, а да не им падне кесата сосе сите лимони и помаранџи, па да се испосопнат и ничкосаат тука насреде улица, како возат коли, а да не влезат во спротивна насока на булевар, па да направат ѓурултија, како шетаат низ парк, а да не брзаат назад дома, за да не сретнат некого, кого прелажале, па овој да им ја скрши главата тука пред сите, како одат на гости кај свои роднини, кои знаат дека крадат и лажат, ама ете роднини им се, од Бога дадени, па мора да ги трпат и слушаат, како се тушираат, а не се попаруваат со врела вода, како мртви ладни стојат на каса во Веро и чекаат да платат, а околу нив нема никој од „нивните“, за да им е полесно, па да си речат „ете не сум само јас, и овој краде и лаже, па исто ко и мене, и нему никој ништо не му вика, како одат на доктор, а не ги мава инфаркт… И, што е најважно, како поминуваат граница!?, Нели се плашат дека на враќање ете, не знам по игра на случајот, во меѓувреме дур се на пат, да речеме, ќе пропее Петко, или Сатнко, па ќе ги апсат на враќање и ќе ги однесат право у ќорка.

Еве на пример, пред некој ден, отидов до Сити мол, да направам една „расхотка“, да видам што има, што нема и од Зара и Манго, велам - ај да ѕирнам и у Масимо Дути што има, иако никогаш таму, ништо не сум купила и секогаш со некоја трема гледам по цените на нивните кошули, мантили и ташни, едно затоа што, кога сум добро расположена, може да ми се случи да влезам во конфликт со продавачките кои имаат 15.000 плата, а цената од 76.000 за мантилот ја кажуваат, така што тебе треба да ти биде непријатно, а второ, кога не сум така расположена, се си мислам дека сум „бележана“ и дека сите ќе ме приметат дека сум „уљез“,кој само шетка тука, а ништо нема да купи.

Е!? И во тоа Масимо Дути, сретнувам една „госпоѓа“, некогашна преставничка на нашата политичка сцена.  Ми била на интервју, па не можам да не ја поздравам. Мислам, апансас ни се сретнуваат погледите, па немам време да мислам и да донесам одлука дали треба да ја изигнорирам, бидејќи не заслужува да ја поздравам, „аконтум“, нејзиното валкано општествено политичко „миље“. И просто, се фаќам себе си, како стојам и разменувам две-три реченици со неа. Наеднаш ми се слошува (ми се качува притисок, тахикардија, вртоглавица), ама ко “ќутук“, си стојам и и правам муабет. „Паралел-слалом“ во умот ми текнува дека порано, исто вака кога ќе се сретневеме, на некои случајни места во градот, таа не ме поздравуваше, тоест се правеше дека не ме видела, а камо ли да ми направи муабет. Понекогаш, многу одамна додуша беше тоа, се си мислев дека „која сум јас, таа мене да ме поздравува“, таа е на висока позиција, сигурно има многу работа, не и е лесно, и врие умот, носи значајни одлуки, тешко и е, сигурно не ме видела и некои такви будалаштини со мојот пилешки мозок. 

А сега!! Десет години подоцна, таа мене ме препозна,( и тоа со маска на лице)  уште и на Вие ми се обраќа, “-како сте Тања“,  сака што подолго да си стоиме тука и да си правиме муабет, ако може и на кафе да одиме… Го чувствувам тоа во воздухот. А од внатре ми доаѓа душата, тука на лице место да и ја извадам.  Наместо тоа успеав да измумлам нешто од типот „еве малце да видам што има, што нема и некои такви слични глупи реченици, ко три грама мозок да немам. Лошо, многу лошо! Го најдов некако излезот, дури и успеав да се свртам и видов дека во левата рака имаше барем 5-6 парчиња одбрани, а со десната веќе си пребаруваше нови по закачалките. Јас додека стигнав до паркингот долу, три пати се сопнав, ми падна новчаникот, картата за излез од паркинг три пати погрешно ја ставив и направив прекршок, за земање возачка дозвола. Наместо десно, свртев лево и на дупла пуна линија, се најдов во насока накај „Илинденска“, а требаше накај „Партизанска“, да одам.

Стигнав дома, направив една салата и си сипав една ракија.

И ова сакав да ви кажам деца „видите ли некој во клас, или на факултет дека гардеробата на него вреди иљада евра,(бидејќи тоа не е нормално во ваши години, не само кај нас, никаде во светот) и добива петки, или десетки, а две реченици не знае да врзе, бегајте главом без обзира. И аман за аман неојте да им ја пиете душата на родителите со памукче, барајќи да ви купат патики од 250 евра, мобилни телефони и флуросцентни јакни. Ако за Бога знаете“.

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска