Нашите и вашите

Добивај вести на Viber

Јапонија … Бев и се вратив. Слично како и со многу други нешта во животот. Ќе отидеш, ќе си дојдеш, ќе посакаш нешто, ќе го купиш, ќе го имаш, ќе го износиш. Ќе намислиш некоја желба, ќе ја думаш, ќе ја посакуваш, ќе најдеш начин, ќе ја оствариш.

А што друго е животот!? Тоа е животот. Тоа би требало да биде животот. Остварување на цели и соништа. Без застанување. Од едно во друго. Од друго во трето …

Животот е ѓердан од соништа и желби. Остварени и неостварени. И сите се подеднакво блескави. Неостварените се стремеж. Остварените потврда.

Секој со своите желби. Секој со своите потврди. Секој со својата смисла за живот.

Знам дека во време на втор круг избори, повеќето од вас нема да го читате овој текст. Вие во овој момент се занимавате со нешто сосема друго. Броите, пребројувате, мерите, сечете, продавате, купувате, препродавате. Малку гласови, малку себе, малку чест, малку морал, малку образ … Од се по малце.

Тргувате со она што ви е вам важно во животот. Важно!? Не знам дали ви е важно, или не, но тоа е робата со која вие располагате.

За кило образ и чест, ќе добиете кило банани. За две кила, ручек во кафеана. За три кила ручек во кафеана, блиску до масата на шефот. Ако си ја продадете и душата и срцето, или ќе станете директор, пратеник, можеби дури и министер. А можеби и во затвор ќе завршите. Никој со ништо не ви гарантира. Лотарија е тоа. Кому што ќе му се падне. Кој колку е спремен да ризикува и да вложи. Некој некогаш на блеф ќе одигра „олин“ и ќе ја собере сета маса. А некој друг, со навистина добри карти ќе одигра „олин“, а ќе изгуби се. Секој со својата среќа.

И пак ќе речам секој со своите цели и секој со своите желби во животот.

А што друго е животот, ако не тоа. Човек да има цели и да има желби. „Вашите“ и „нашите“ желби не се исти.

Всушност вашите и нашите желби се сосема исти.

Бидејќи вие, така се викате меѓу себе. Ваши и наши.

Си се поделивте во две групи и цел живот си играте дрндупка. Малку нашите, малку вашите.

Еве сега на ред се нашите. Не, не … На ред се вашите.

Хахаха … Ете така звучите. И така изгледате.

Мислам дека и вие самите понекогаш не знаете кој се ваши, а кој наши.

Тоа дека сите ние треба да сме наши, знам дека ми е џабе да везам Софи.

Само едно сакам да ве прашам. Многу ме интересира, дали тоа што вашите, еве веќе колку осум-десет години беа на власт, дали вие успеавте да нанижете убави, ретки, драгоцени камчиња на вашиот животен ѓердан, или преку ноќ ви се претвори сиот ѓердан во тенекија.

И дали вие „нашите“, сега откако вашите ќе дојдат на власт мислите дека сега, еве баш сега, ќе успеете да го нанижете најубавиот ваш животен ѓердан.

Ах бре луѓенца мои. Многу ми е жал кога ве гледам.

Јас знам дека повеќето од вас, во моментов мене ме сожалува. Можеби си велите, што знае она што е политика.

Е токму во таа дистанца, во таа различна дистанца помеѓу нас е животот.

Вие тегнете на една страна. Јас тегнам на друга страна. Или вашите тегнат на една страна, а нашите на друга страна. За „наши“, овој пат не ги сметам вашите. Не! Ги сметам сите оние кои не се ни со вашите-наши, ни со вашите-нивни. Туку ги сметам, сите оние кои не чекаат ниту кило банани, ниту ручек со шефот. Луѓето кои останаа со својата чест и образ и луѓето кои не ги ставија овие нешта на купо-продажба. Вие тегнете натака, ние тегнеме навака.

А за тоа време се „абе“, тој тенок, свилен и толку префинет конец, наречен живот.

Ни мене не ми е убаво, што го пишувам ова, всушност не ми е убаво што го живеам ова. Ниту пак вам ви е убаво, што го читате и што го живеете ова. Знам дека е тоа така.

Како и да е, за Јапонија ми беше муабетот.

Бев и се вратив. И знаете што!? Никогаш не би живеела таму. Јас не припаѓам на тој свет. Тоа е една машина која ги меле сите човекови емоции одеднаш. И смеата и радоста и љубовта и заедништвото … Се наеднаш меле. Ми се скамени душата од оваа „нова Јапонија“, која за себе ќе рече дека е „над-раса“.

Да! Е! Над раса, која работи од12 до 14 часа на ден и во чии поглед се гледа дека досега 200 години нанапред.

Но истовремено се гледа дека ги потиснува и солзите од тагата за оние двесте години наназад, кога постоеше страрата и добра Јапонија.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу