Денес ги славиме Свети Кирил и Методиј - Браќата кои нѐ описменија

Со доаѓањето на Словените во Македонија, тие со себе ги донеле и своите пагански верувања и својот јазик. За писмено изразување употребувале црти и рески. Сепак со доаѓањето во Македонија и на јужниот Балкан се сретнале со напредна култура и развиена писменост. Словените од староседелското население го примиле писмото кое било во употреба на тие простори и го користеле во писменото изразување. Но со постојните букви на грчкото унцијално писмо или со римското латинично писмо, не можеле да ги пишуваат сите карактеристични словенски гласови кои ги изговарале. Поради тоа, се појавила потреба да се создадат нови знаци – букви, со кои ќе се пишуваат словенските зборови, те. писмено ќе се забележува јазикот на Словените. Создавањето на азбука за Словените било дипломатски чекор на Византија, а со азбуката византиската придобивка била двојна. Прво – полесно се ширело Христијанството кај Словените и второ, Византија придобивајќи ги балканските словени на своја страна си обезбедувала подобра позиција против Бугарската држава која напаѓала на територијата на Византија на Балканот.

Задачата за создавање на словенско писмо, од византискиот двор ја добил Кирил (Константин Филозоф), кој имал целосна поддршка и помош од неговиот брат Методиј.

Биографии на Кирил и Методиј

Константин (Кирил) и Методиј се браќа родени и пораснати во Солун. Потекнуваат од угледно солунско семејство. Нивни родители биле Лав и Марија.

Методиј е роден во 826 год. Се школувал во специјални училишта за стекнување на воени вештини и за извршување на високи државни функции. Поради стекнатото знаење и способностите кои ги поседувал, Методиј на 20 годишна возраст, од визнтискиот двор добил чин Војвода. Тој како војвода во 845 година бил испратен да биде управник на Словенското кнежевство во Македонија, кое се простирало во Струмичко – брегалничкиот регион. Задача на Методиј била да ја осигура поддршката на месното население во борбата против бугарските напади на таа територија.

Константин, познат под монашкото име Кирил, бил роден во 827 год. Се школувал во солунските училишта во кои оделе само децата од поимотните семејства. Како најдобар ученик, рано се школувал на Цариградскиот универзитет (Магнаурската школа). Таму изучувал повеќе науки и повеќе јазици. По завршувањето на студиите Константин станал професор по филозофија во универзитетот во кој и самиот учел претходно. Како вреден и образован стекнал голема доверба на византискиот двор.

Денеска именден празнуваат сите оние кои ги носат нивните имиња. Нека е за многу години!


Фото: денови.мк