До скоро месев ванилици и сама одев да пазарам: Баба Данка од Скопје наполни 100 години

Баба Данка од Скопје која е по потекло од валандовското село Пирава, изминатиов викенд наполни 100 години. Иако немала лесен живот и останала сирак како многу мала, денес е среќна мајка на две ќерки, горда баба на четири внуци и едно правнуче. Јубилејниот роденден, таа го прослави како што отсекогаш сакала, со сите свои најмили на купче.

-Моето име е Јорданка Ацевска, родена Дончева, но уште од најмлади години сите ме нарекуваат Данка. Родена сум на 09.04.1921 во село Пирава, кое е лоцирано на 2,5 километри од Валандово.


Родена сум како четврто од пет деца на мајка ми Камена и тако ми Глигор. На мали години останавме сираци, бидејќи мајка ми почина кога имав 5 години во 1926 година, а татко ми во 1934 година, кога бев на возраст од 13 години. За нас се грижеа најстариот брат и сестра кои беа во малку повозрасни години, како и сопругата на селскиот поп Душан кој тогаш во рамките на кралството СХС (Србија, Хрватска и Словенија) беше на служба во нашето село. Сопругата на поп Душан, Невена, беше образувана жена и голема домаќинка. Таа ме научи да готвам, месам, но и работи кои не беа применувани дотогаш во нашето село, како што е декорирање на куќите со везови и китење на новогодишна елка. Таа шиеше за мене и мојата постара сестра фустани и се грижеше да бидеме заштитени и ништо да не ни недостасува“, е почетокот на животната приказна на оваа храбра жена со позитивен дух.

Во 1931 година, додека сè уште бил жив нејзиниот татко, селото Пирава било погодео од голем земјотрес, кој Јорданка, нејзината сестра и трите браќа имале среќа да го преживеат. Потоа селото почнало да се гради, добило свое училиште, бања, амбуланта и соколана.

-Селото отсекогаш беше богато, земјата беше плодна и ние одгледувавме домати, пиперки, лубеници, афион, тутун, памук и други земјоделски производи. Исто така се занимававме и со сточарство. Мене нејинтересно ми беше одгледувањето на свилена буба, чии свилени конци ни ги откупуваше државата за изработка на падобрани. Културата на свилена буба повеќе од 60 години не се одгледува во тој крај“, ни раскажа баба Данка.


Во 1950 животниот пат и срцето ја однеле во Скопје, кај нејзината љубов Александар со кого се омажила. Плод на нивната љубов се ќерките Љиљана и Светлана.

-Мојот сопруг по потекло беше стар скопјанин и најпрво живееме во Маџир Маало, но по земјотресот во 1963 година, се вселивме во стан во населбата Кисела Вода. Мојот сопруг работеше во градежна фирма, а јас останав дома за да се грижам за ќерките и домот. Бидејќи мојот сопруг работеше неколку години во странство јас морав да се грижам за домот и не одев на работа.Имавме хармонечен и убав брак, за секоја работа сложно се договаравме и за целиот наш живот немавме несогласувања. Моите ќерки се омажија и од нив имам четири внуци: Мартина, Филип, Мила и Горан. Оваа година го добив и првото правнуче, Виктор.

Мојот сопруг почина во 1991 година и јас веќе триесет години сум вдовица, посветена на ќерките и внуците“, вели Јорданка за своето семејство. 

И покрај својата возраст, таа одлично се држи, а вградувањето на вештачкиот колк го споменува онака, попатно.

-По смртта на сопругот, живеев сама до својата 94 годишна возраст. Сама набавував, спремав, го чистев домот, ги пречекував децата и внуците на ручек. Од пред 6 години грижата за мене ја превземаа двете ќерки кои живеат во иста населба и наизмечно по договор престојувам кај двете.

Задоволна сум од нивната грижа за мене. Немам поголеми здравствени проблеми, единствено последниве 6 години поспоро се движам, бидејќи пред 20 години ми вградија вештачки колк“, вели баба Данка.


Во последниве 5-6 години таа се движи со помош на штаки, и не e во можност сама да готви, да пере, да чистi, сама да оди на доктор. Тоа за неа сега го прават ќерките и внуците.

-Освен вградувањето на вештачки колк, кој го скршив при пад, во животот немам направено ниту една друга операција. Пијам само редовна терапија за регулирање на притисок и срцеви аритмии. Имам посебен режим на исхрана од својата педесетта година. Повеќе од 40 години немам пробано јагнешко или свинско месо, кафе, мрсни и пржени работи. Се хранам едноставно, користам пилешко и телешко месо и домашно зготвени манџи. Никогаш не сум пиела алкохол, газирани пијалоци, ниту сум пушела цигари. Последниве 50 години од благи работи јадам исклучиво црно чоколадо. Торти и колачи можеби јадам неколку пати годишно, кога славиме родендени.Од својата четириеста година редовно одев на бањи, највеќе во Врњачка и Соко Бања. Многу години пиев вода од Катлановска Бања. Со сопругот еднаш неделно полневме вода од изворот. Одев многу и на море, највеќе на Јадранско море. На плажата во Улцињ го излечив и ишијасот кој ми се појави на возраст од околу 35 години“, раскажува оваа шармаnтна госпоѓа за својата нега.

Баба Данка, додека била поподвижна, многу сакала да меси пити, да прави мекици и палачинки. Кај блиските, била позната како специјалист за слатко и ванилици.

-Во моето семејство и кај комшиите бев позната по правење слатко. Тоа беше многу популарно во мојот роден крај Пирава. Во мојата младост подготвував и маџун. Правев слатко од зелени и зрели смокви, од јагоди, кајсии, сливи, вишни, дуњи и друго. Исто така правев и многу мармалад од сливи и кајсии. Правењето ванилици исто така ми беше посебна специјалност. Мислам дека за правење слатко и мармалади бев посебно вешта. Своите рецепти ги поделив со ќерките и двете внуки и многу сум горда што научија да прават слатко и мармалад од сите овошја“, ни раскажа баба Данка за својата голема гордост и за својот мерак.

Често, таа ги советува своите деца и внуците дека најважно од сè е да бидат задоволни со тоа што го имаат, да внимаат на своето здравје и да избегнуваат нервозни ситуации.

Јорданка за крај вели дека можеби за нејзиниот јубилеј ќе имало и поголемо славје, но таа е задоволна од семејниот собир кој ѝ го наполнил срцето. Таа со нас ја сподели својата роденденска желба:

-Заради ситуацијата со Ковид 19 прославивме само во кругот на најтесно семејство. Моите желби се сè уште да им се радувам на моите внуци и правнуци и посакувам побрзо да заврши пандемијата за да можеме да се дружиме како што правевме порано.“


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива