Добар стоматолог мора да има уметничка душа: Интервју со д-р Амела Цана, Директор на Стоматолошкиот клинички центар

Добивај вести на Viber

Надвор од работа времето го минувам со семејството и со пријателите. Функционирам како и секој друг деловен човек со една разлика што физичкото напуштање на објектот не значи прекин на работните обврски. Тие ме следат 24 часа, но не се жалам, раскажува таа

Д-р Амела Цана е стоматолог, специјалист ортодонт. Нејзиниот професионален пат по дипломирањето на Стоматолошкиот факултет започна во приватна пракса, а по 13 години работа во ФЗОМ, веќе повеќе од една година е Директор на Универзитетски стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“. За предизвиците со кои секојдневно се соочува како жена менаџер, за балансот меѓу деловниот и приватниот живот како сопруга и мајка на две деца, читајте во продолжение.

* На позиција директор на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар Свети Пантелејмон сте од неодамна. За какви реформи конкретно ќе се залагате во периодот што следи за Вашите пациенти да имаат поефективна и поквалитетна здравствена заштита?

- Да, на оваа позиција сум нешто повеќе од една година. Би кажала дека, зборот „реформи“ подразбира крупни чекори и драстични промени. Јас по малку скромно би се изразила на еден друг начин. Стоматолошки клинички центар има свој статус на едно пристојно ниво. Понатаму, ќе продолжиме со следење на развојот на стоматолошката дејност во светски рамки, современите достигнувања во делот на опремата и оспособување на стручиот кадар и примена на истите во установата. Овие два елемента се  клучни за ефективна и квалитетна стоматолошка услуга.

Имам намера  да внесам некои новини во работата кои досега не се применувале, но за тоа би зборувале во некоја друга прилика кога ќе бидат создадени услови за реализација на истите.

* Во вашата установа има 7 клиники, РТГ оддел, оддел за анестезија и реанимација во рамките на Клиниката за детска и превентивна стоматологија како и изолиран приемен оддел за пациенти заболени од инфективни заболувања.  Дали се функционира беспрекорно?

- Да, тие се одделите кои се дел од организационата поставеност на установата. Со секој од овие оддели раководат лица со овластувања, обврски и одговорности. На ниво на центарот имаме и административна служба. Целокупниот процес се одвива со меѓусебна комуникација, соработка и координација која овозможува сите услуги пациентот да ги добие на едно место и административно и практично.

* Во оваа установа поминавте многу години како студент, а сега имате можност но и желба и амбиција да создавате од еден друг агол. Со каков предизвици секојдневно се соочувате? Што Ви дава сила да бидете комплетно успешна како жена менаџер, како жена која терба секојдневно да координира над 300 вработени?

- Одговорот на ова прашање би го надоврзала на претходното. Во делот на менаџирање  со комплексен правен субјект, појдовна основа е регулирањето на односите помеѓу вработените и менаџментот.  Хиерархиската поставеност успешно  функционира со баланс во комуникацијата на сите оддели и служби во установата. Ако како менаџер направите тим со кој комуницирате, во кој верувате, го мотивирате, успехот е неизбежен. Јас имам воља, имам капацитет и го имам тимот. Времето ќе покаже дека сум во право.

* Според  некои истражувања жените имаат вродени претприемачки способности. Се согласувате ли?

- Не сум баш феминистички настроена, но ќе кажам дека сте во право. Самата природа,  биолошкиот процес, ја создале жената будна, силна, храбра, борбена и вродено емотивна. Сите тие особини прават квалитетна личност - жена претприемач. Мислам дека овде нема што да се додаде.

* Кои беа Вашите соништа во тинејџерските години?

- Во тинејџерските години размислував на повеќе страни. Па така, нели умееш да идеализираш некоја особа која е нешто повозрасна а ти е драга, па замислуваш дека ќе бидеш како неа. Сите сме поминале такви фази додека не се кристализира една мисла, во каква личност сакаш да созрееш како човек и како професионалец.

 Стоматологијата беше мој избор од две причини. Гранка во областа на медицина каде се грижиш за здравјето на човекот од една, а уметност од друга страна. Да, добар стоматолог мора да има уметничка душа, чувство за естетика. Затоа што здрави заби прават убава насмевка, нели? 

* Кои лични вредности Ви се најважни, вредности според кои го живеете Вашиот живот?

- Овде ќе бидам најкратка. Семејните и човечките вредности во вистинска смисла на зборот се бесценети.

* Во брак сте и имате две деца. Како балансирате меѓу деловниот и приватниот живот?

- За сега функционирам добро. Во брак сум, имам две деца - син и ќерка, Анди и Анида, кои се на возраст кога им треба внимание и посветеност. Покрај деловните обврски, максимално  се  трудам да не го запоставам семејството.

* Каде ја насочувате енергијата кога не сте фокусирани на работата?  Кои се Вашите секојдневни ритуали?

- Надвор од работа времето го минувам со семејството и со пријателите. Функционирам како и секој друг деловен човек со една разлика што физичкото напуштање на објектот не значи прекин на работните обврски. Тие ме следат 24 часа, но не се жалам. Го избрав овој повик и се носам со обврските и со предизвиците.

Јавните институции трпат чести промени на раководни стуктури, а јас сакам да создадам нешто, да  оставам печат во мојата матична куќа, нешто што ќе го паметат и вработените и пациентите.

Ѓорге Стојанов