Доста од вештачки усни, насмевки и луѓе, да се вратиме на природното: Искрено со Миланка Рашиќ

За неа велат дека времето како да застанало, Миланка Рашиќ е секогаш иста. Пред извесно време, познатата ТВ водителка, продуцент и директор на агенцијата „Миракс“ на својот Фејсбук профил, објави дека почна со вежбање и се пошегува дека причината се чоколадите кои сака да ги стопи, а ги изела за време на карантинот.  

-„Сакам да пробувам нови нешта, па така почнав со ЕМС тренинзи (електро мускулна стимулација) и неколку месеци вежбав 3 пати неделно во „Про енд Фит Студио“. Еден ваков тренинг заменува 3-4 класични тренинзи, а познато е дека Јусеин Болт и Рафаел Надал го практикуваат. 

Сега сум на пауза, продолжив со вежбање дома. Многу ми фалат танц часовите и латино забавите кои не се одржуваат поради опасноста од корона. Кај мене дома секогаш е пуштена музика и танцувањето ми е не само љубов, туку и вентил за стрес. Јас и кога пеглам, танцувам, ха, ха! Научив да си го слушам телото. Самото кажува кога е време за напорни тренинзи, кога за полесни вежби или одмор. 

Најважно е да сфатиме дека вежбањето е славење  на сето она што твоето тело е способно да го направи, а не казна за тоа што си го изел“, ни раскажа Миланка.

Нејзиниот избор е медитеранска исхрана, многу овошје и зеленчук, маслиново масло, јаткасти плодови, мешунки и житарки.

„Сето ова е посебно добро за здравјето на срцето. Веќе 3 години секој ден го започнувам со топла вода со лимон и сода бикарбона, што е чист Це витамин. Потоа лажиче органски бронхи мед од моите пријатели Кировски кој ми го носат од Кочани. 

Пијам доста вода и чаеви во текот на денот, зашто факт е дека хидрирањето е најважно. Мора да му помогнеш на организмот да ги исфрли токсините. Не пијам газирани сокови и не јадам брза храна. Пред некое време го намалив пиењето млеко, зашто немав мерка. Сите по алкохолот, јас по млекото, ха,ха. Периодов се научив да го контролирам јадењето благо. Не си забранувам ништо, но ретко пробувам од омилената чоколадна торта. Почесто бирам здрави слатки од урми, ореви и какао. Зашто без слатко, нема живот за мене“, искрена е Миланка 

„За време на карантинот во широк лак ја избегнував вагата. Инаку сигурно ќе ми викнеше, машала, како во вицот. Исхраната ми беше иста, ама ми недостасуваше мојот вообичаен, динамичен начин на живот, пешачење, вежбање, танцување и трошење калории“, додава Рашиќ низ насмевка.

Според неа, се' е во исхраната и физичката активност, нема филозофија. Едноставно кажано, за да бидеш во добра форма, мора да трошиш повеќе калории од што внесуваш, е девизата на Миланка.

За коментарите дека времето минува, а таа не се менува, Миланка вели: „Имам среќа што родителите ми беа младолики, наследив добри гени. Не пијам алкохол, не пушам, никогаш немам ни запалено цигара. Кафе пијам ретко. Мислам дека умереноста во сѐ е најважна. Далеку сум од совршена, но се сакам себеси, убаво ми е во моја кожа, со сите мои добри и лоши страни, искуство и знаење. Заедно со прочистувањето на телото оди и прочистувањето на умот. Читањето ми е пасија од дете. Во последниве месеци прочитав најразлични наслови, од „Календар на моето детство“ на Балашевиќ до „Живот без крлежи“ и „Костурите на округот Медисон“ на Ведрана Рудан. Колку повеќе читам, се дружам со луѓе со слични интереси и помалку време сум на социјалните мрежи, толку појасно ми е дека е неопходно да се вратиме на вистински важните работи. Да се вратиме на природата, при тоа не мислам само на здравата храна. Велам, назад кон природното,  едноставното и вистинските вредности.  Доста од вештачки усни, насмевки и луѓе. Прегласни, неписмени луѓе насекаде“, објаснува Миланка.

На оригинален начин, таа го објаснува духот на новото време. „Во свет на Кардашијан, одличните до збор не можат да дојдат. Воспитаните, културни луѓе со манири се истиснати од бучни, површни ликови кои сметаат дека знаат се`. Застрашувачки е што генерациите што растат со риалити програми се изгубени генерации, изгубена публика за театар, концерти и уметност. Интегритетот, добрината, вистинското пријателство, професионалноста, за жал, се ретки и стануваат подзаборавени вредности“, вели Миланка.

За неа, за почит се луѓето кои се чесни, вредни и си стојат на зборот. Се опкружува со  начитани, речити луѓе, со имагинација и смисла за хумор, со кои се разбира во два збора. Едни на други, тие се инспирација за нови хоризонти. 

Веќе 16 години, Миланка ја води нејзината агенција за ТВ дистрибуција и производство „Миракс“.

„Секогаш работам на неколку проекти во исто време, а соработувам и со други  компании. Корона периодот одложи еден убав телевизиски проект кој беше поврзан со патувања. Исто така, поради короната, летово првпат не се одржаа фестивали на кои работам со години, меѓународниот натпревар во кореографија, „Икс денс“ во Скопје, интернационалниот арт фестивал „Езерски бисери“ во Струга, Хорскиот форум итн.  Деновиве договарам телевизиска соработка и би сакала да почнеме да работиме на тв формат кој ги задоволува и моите високи стандарди и на публиката. Ништо помалку не прифаќам“, откри Миланка за ангажманите поврзани со нејзината голема љубов, телевизијата.

М. Џаровска

Фото:  Даниел Стојаноски