Еден месец криза: Научниците станаа селебрити, има ли светло на крајот од тунелот?

*Еден месец откако Италија прогласи карантин, бројот на новите случаи почнува да се намалува. Во земјата, која драматично настрада во оваа корона-криза, веќе срамежливо почнува да се размислува за постепеното враќање во нормала.

*Германија е посебен атипичен случај во борбата со новиот вирус поради нискиот процент на смртност наспроти пријавениот висок број на 92 илајди заболени. Со 1,4 проценти смртност, Германија е далеку подобра од другите најтешко погодени европски земји, каде што овој процент се движи околу 10.

Експертите сметаат дека тоа се должи на раното тестирање и агресивното следење, на подготвените болници и на довербата во владата.

*Во Британија синоќа, кралицата Елизабета во своето обраќање до нацијата побара решителност и единство за надминување на корона-кризата.

-Заедно се справуваме со оваа болест и ако останеме обединети и решени, тогаш и ќе ја надминеме - рече 93-годишната кралица во обраќањето од нејзиниот дом, замокот Виндзор каде што престојува со нејзиниот сопруг принцот Филип.

Во нејзиното 68-годишно владеење, ова е петто обраќање на кралицата.

*Британскиот премиер Борис Џонсон, пак, синоќа е хоспитализиран. Откако по 10-дневна изолација, треската не му смирувала, синоќа е пренесен во болница.

*Од другата страна на светот, во Кина властите се исправени пред нова дилема. Еден милион кинески студенти кои студираат во странство бараат дозвола да се вратат дома. Да се одобри нивното враќање би можело да ја влоши состојбата во Кина, чиј главен епицентар, градот Вухан штоттуку почна полека да ги симнува двомесечните корона-рестрикции. Да се остават студентите таму каде што се – би било негативен имиџ за кинеските власти.

*Ирскиот премиер Лео Варадкар, кој е лекар по професија, се врати на медицинската практика за да им помогне на здравствените власти во време на кризата.

*Од Шкотска доаѓа поинаква вест - главниот советник за здравство на шкотската влада, Кетрин Калдервуд, поднесе оставка откако беше откриено дека ги прекршила советите за ограничувања на движењето за време на епидемијата на коронавирус.

-Јас не ги следев сопствените совети што им ги давав на другите. Навистина жалам – рече Калдервуд.

*Најинтересниот пресврт кој го донесе корона-кризата во првиот месец од нејзиното траење, како што велат посматрачите, е тоа што научниците станаа познати имиња откако го минуваа досегашниот живот во виртуелна автономија.