Едвај чека да се врати од Малта: Најинтимната приказна на Мартин Мила

Познатиот музичар Мартин Мила е на привремена работа во Малта. „Едвај чекам да се вратам“, порача тој неодамна во интервју за 1ТВ. Популарниот пејач и автор изминатиов период се соочи со повеќе искушенија во приватниот живот, но како што подвлече во една прилика за „Женски магазин“, горд е што успеал да остане свој, без разлика што другите мислат за него.

- Животот е паѓање и издигнување. Сите луѓе ги среќаваш кога одиш надолу. Истите се и кога чекориш нагоре - ни изјави тој. 

Публиката го препознава по специфичниот музички израз, но и по тетоважите кои за него се култура на живеење. Токму меѓу цртежите на неговото тело се крие и неговата најинтимна приказна.

- Првата, келтска плетка на рамото, ја направив уште во седмо одделение. Денес ги имам десетина и секој цртеж на моето тело крие некаква животна филозофија и има свој белег. Сите тетоважи ми се драги, особено оние на вратот и градите посветени на ќерка ми. Бројот седум е збир кој го симболизира нејзиниот датум на раѓање, а нотите „ми„ и „ла“ се нејзиното име. Имам неколку убави слики како змејот кој ми е особено драг - ни откри Мартин.

Ќерката на музичарот кој се прослави во шоуто за таленти на „М2 продукција“ е европски шампион во хипхоп-танц.

- Таа е турбо-активна како нејзините родители кога беа деца. Не за џабе рекле дека генетиката е чудо. Талентирана е за многу работи. Сака да пее како тато, но очигледно поголем интерес покажува за танцот - ни изјави тој неодамна.